Теодора и Цоне, млади Македонци во Германија, се одлучиле да ја чуваат и негуваат македонската култура, традиција, музика, иако се далеку од својата земја.
Љубовта кон македонските ора и песни ја зачнаа во нашата држава, но по преселувањето во Германија, овие млади луѓе се решија да ја продолжат својата голема љубов кон фолклорот.
Теодора Ристоска и Цоне Ристоски, создадоа Културно-уметничко друштво „Вардар Sindelfingen“ во Германија. За нашиот сајт, тие истакнуваат дека идејата ја имале многу одамна уште пред да заминат во Германија. Иако далеку од својата земја, тие пронајдоа начин како да ја негуваат македонската култура.
Секоја личност од 6 до 96 години, која има силна волја за изучување на традиционално оро, може да биде дел од ова КУД.
Во нашето Kултурно-уметничко друштво може да членува секој оној кој сака. И Германци и Македонци во Германија, и секој кој има силна желба. Ете, уште на самиот почеток, можеме да се пофалиме дека во нашата група веќе има запишано едно девојче од Мароко и едно девојче од Хрватска. Тие имале пријатели Македонци и оттаму им се раѓа желбата да научат македонско оро или македонска песна. – вели Теодора Ристоска, главен кореограф.
Освен македонската песна и македонското оро, членовите ќе имаат можност да научат и за традиционалните, македонски инструменти.
Музиката како главен елемент во нашата традиција ќе ја изучуваме и во нашето КУД „Вардар Sindelfingen“. Нашите членови, ќе имаат можност да го изучуваат кавалот и тапанот. Заинтересираноста е голема. – вели Цоне Ристоски, главен кореограф и инструменталист.
КУД „Вардар Sindelfingen“ на 27 март годинава, одржа прва средба со своите членови. Заеднички го создадоа планот за работа, направија први чекори и договорија следна средба за официјален почеток. КУД „Вардар Sindelfingen“ соработува со Горан Филов, тандемски го негуваат изворното македонско богатство.
Инаку, Теодора и Цоне во фолклорот се уште од мали нозе. Теодора 14 години има членувано во фолклорното студио „Етнос“, а во истото фолклорно студио, Цоне има членувано 10 години. Преку својата професорка во средното Музичко училиште, Гордана Тасева – Илиевска, Цоне започна соработка со Академија ЕУРОАРТ, кои исто така го негуваат фолклорот.
Може да се пофали со низа реализирани турнеи и многу награди. Заедно со Академија ЕУРОАРТ, Цоне ја претставуваше Република Македонија во Република Полска и Република Романија, а оттаму се вратија со многу награди.
Тимот на „Гоце.мк“ им посакува успешна работа! Убаво е кога младите со силна визија создаваат нешто ново.