ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.10.2024
Сезонско вакцинирање – колку сме подготвени за грипот?

Со првите есенски денови, доаѓа и времето кога вирусите се враќаат во полн ек. Меѓу нив, сезонскиот грип останува еден од најголемите предизвици за јавното здравство. Започнувањето на кампањата за вакцинација против грипот во Македонија е чекор напред во борбата за заштита на населението, но колку сме навистина подготвени да ја прифатиме важноста на оваа мерка?

Иако на грипот често се гледа како на „обична настинка“, неговите компликации можат да бидат сериозни, особено кај постарите лица, хронично болните, и децата. Вакцинацијата е најдобриот начин за превенција, бидејќи го намалува ризикот од заболување и од потешки форми на болеста. Освен за личната заштита, вакцинацијата придонесува и за колективниот имунитет, со што се намалува ширењето на вирусот во заедницата.

Image by Freepik

И покрај достапноста на вакцините, многумина остануваат скептични. Во Македонија, како и во многу други земји, сè уште има недоверба кон вакцините. Овој скептицизам се темели на недоволна информираност, лажни вести и недоверба кон институциите. Пример за ова беше кампањата против вакцините за COVID-19, која остави длабоки траги во однос на довербата на граѓаните.

Важно е вакцините да бидат достапни, не само во здравствените домови туку и на други локации, како што се мобилни пунктови и амбуланти во руралните средини. Оваа година се очекува и бесплатна вакцина за приоритетните групи, што е позитивен потег. Но, подеднакво е важно и, да се спроведе ефикасна кампања за информирање, која ќе ги разјасни сите дилеми околу вакцините и ќе ги отстрани митовите што кружат во јавноста.

Грипот нема да исчезне, но нашата реакција може да биде поефикасна. Со правилна вакцинација и поддршка од јавните здравствени служби, можеме да го намалиме товарот врз здравствениот систем и да го заштитиме населението. Секој граѓанин треба да разбере дека со вакцинирањето не се штити само себе, туку и своите најблиски. Време е да ја смениме перцепцијата-вакцината не е товар, туку инвестиција во здравјето на сите нас.

Здравјето не треба да се препушта на случајност. Грипот не прашува кој е подготвен, а кој не. Затоа, да ги искористиме можностите што ги имаме и да се заштитиме на време.

Автор на текстот е Даница Среткоска, студентка на Факултетот за медицински науки на УГД.

проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица
Воздухот значително загаден и во градинките и школите