
Часовите загубени поради лажните дојави за бомби ќе треба да бидат надоместени во второто полугодие, најави Министерот за образование Јетон Шаќири. Министерството за образование и претходно излезе со став дека овие часови ќе мора да бидат надоместени.
Фото: Влада на РСМ
Министерот Шаќири овој став го повтори во гостување за ТВ 24. Анализа за деловите од програмите кои не се обработени во првото полугодие ќе се направи до крајот на првото полугодие.
„Сигурен сум дека до овој ден некои од училиштата ја имаат надоместено изгубената настава. Информациите дека во сите училишта се загубени повеќе од 10 дена од наставата се различни во сите градови заради тоа што имаме училишта каде е изгубен само еден ден. Сите наставници и професори имаат дадено придонес да се надомести изгубената настава. До крајот на првото полугодие ќе извршиме целосна анализа на сите делови од програмите кои не се обработени во основните и средните училишта и по доставувањето на список од тие училишта што е изгубено, ќе донесеме одлука како тоа ќе се надоместува во второто полугодие. Ќе се разгледува дали ќе се надоместува после работното време или во јуни. Ова во зависност кога ќе се достави извештајот на училиштата за изгубената настава“ – изјави Шаќири.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи добија на интензитет повиците за организирање онлајн настава. Причинја – поради редовните анонимни дојави за бомби во училиштата. Поддржувачите на ваквата идеја се повикуваат на примерот на Црна Гора, каде веќе е донесена одлука за онлајн настава.