ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.02.2024
Шахот не е игра само за мажи и за пензионери – тој го јакне духот – Сaња Трајковска, претседателка на кумановскиот шаховски клуб
Автор: Goce Author

Не е точно тврдењето дека шахот е за мажите и за пензионерите. Тој е единствениот спорт, каде што можат да играат сите што имаат афинитети и да не се ограничени со годините и со полот. Шахот е спорт во кој секој е прифатен. Независно дали има инвалидитет, аутизам, женско или машко. Многу е битно да се пронајдете во овој спорт – вели Сања Трајковска, претседателка на кумановскиот шаховски клуб и единствена жена во Македонија што е на чело на клуб во овој спорт.

Куманово е втор град во Македонија, по Скопје, кој има најголем број шахистки во системот на натпреварување. Сања Трајковска (43) е единствената жена, претседателка на шаховски клуб во земјава. Иако постојат предрасуди дека шахот е спорт со кој главно се занимаваат мажите, Сања, со својот квалитет и успеси на ова поле, го докажува токму спротивното.

Сања Трајковска

Таа почнала да тренира на 13 години, а денес, по 30 години со мали прекини, е едно од врвните имиња во шахот, во Македонија.

Најголем успех ѝ е учеството на Олимпијадата со македонската репрезентација во Словенија, во 2002 година. Членка е на македонската репрезентација, државен првак и учесничка на европски првенства, активен член на Шаховската федерација.

Оваа спортистка вели дека шахот ѝ дал многу во животот. Прво ја дефинирал како личност, а потоа имал влијание и врз формирањето на нејзиниот карактер.

„Учиш од грешките, гледаш дека погрешниот потег не значи изгубена битка, треба да се бориш до крај, да бидеш упорен, истраен, креативен и смирен. Има многу придобивки, кои многу значат во животот“ – вели Трајковска.

Таа е прогласена за најперспективен млад спортист во земјава, во 1998 година и најдобар спортист на Куманово за 1999 година. Оваа скромна, но мошне успешна шахистка и стопанственичка, вели дека не ѝ паѓа тешко да води еден толку голем клуб со долга традиција.

„Имам голема поддршка од членовите на клубот, особено кога треба да се организира некој настан. Без нив не би можела да функционирам. Ние работиме тимски и затоа имаме резултати. Имам поддршка и од семејството. Треба време и многу трчање, но засега добро функционираме“ – нагласува Трајковска.

ШАХОТ НЕ Е ИГРА САМО ЗА ПЕНЗИОНЕРИ, НА КЛУПА ВО ПАРК

Во нејзината кариера имало и  разочарувања, но смета дека секој пораз ја правел да биде уште посилна.

„Има стрес, како и кај секој друг спорт. Особено кога играш за репрезентација. Ако губиш ти, губи целата екипа, имаш одговорност. Од тебе се очекува да го дадеш максимумот“, вели шахистката Трајковска.

Таа смета дека е погрешно мислењето дека шахот е машки спорт. За таквата претстава веројатно придонеле сликите во парковите или пред зградите, каде што најчесто се гледа како мажите играат шах, додека жените работат низ дома и се грижат за децата.

Не е точно тврдењето дека шахот е за мажи и за пензионери. Тоа е единствениот спорт, каде што можат  да играат сите што имаат афинитети и да не се ограничени со годините и со полот. Шахот е спорт во кој секој е прифатен. Независно дали има инвалидитет, аутизам, дале е женско или машко. Многу е битно да се пронајдете во овој спорт“, вели Трајковска за „Јасно.мк“.

Таа  научила да игра шах од својот татко. Тој ѝ ги покажал првите потези и правилата на игра. Потоа продолжила да се надградува кај тренерот Влатко Крстевски, во шаховската секција на Домот за пионери.

„Тоа е секција од која, не само што излегоа врвни шахисти, туку и добри луѓе и успешни професионалци. Една година, тројца кумановци бевме државни прваци, јас, Никола Левков и Сашко Крстевски. Бевме на Светското првенство во Бразил, како претставници на Македонија. Имавме успешна шаховска школа, која ретко кој ја имал во Македонија. Штета што таа традиција не продолжи. Тоа траеше до 2000 година, кога престана да работи домот, а секциите згаснаа“, раскажува Сања.

Со носталгија зборува и за турнирите на кои некогаш учествувале, а биле организирани во соседните земји, особено во Србија и во Бугарија, кога се дружеле со другите деца и со нивните семејства. Имало возвратни посети и тие дружења прераснале во вистински пријателства, кои траат и денес.

„Кога им го кажуваме ова на нашите деца, не им е сфатливо, ама тогаш живеевме за тие дружења. Кога требаше да тренираме, се собиравме по дома и по цел ден вежбавме. Ние бевме единствените, никој никого не го вознемируваше, никој не се смееше ако некој имаше некаков проблем. На иста маса седат деца од 15 години до највозрасни луѓе, и сите имаат иста тема, сите се позитивни и исполнети. Тоа е убавината на шахот. Тоа е посебноста на светот во кој живеат шахистите“, вели гордо претседателката на кумановскиот шаховски клуб.

Автор на текстот:  Сузана Николиќ

Текстот оригинално е објавен на платформата Јасно.мк, а целосниот текст може да се најде на следниот линк

500 дечиња ќе трчаат на првата детска трка во Штип
Започнува финалната серија за одбојкарската титула , Струмица – Штип УГД