
Штетните наративи на политичарите можат да предизвикаат штета во многу сфери. Тие не служат за информирање, туку се полувистини, дури и дезинформации и лаги.
Политичарите треба да практикуваат етичка, транспарентна и професионална комуникација, базирана на факти, а не на манипулации и навредливи изрази. Тоа е еден од заклучоците од презентацијата на истражувањето „Мерење на политичките штетни наративи (ШТЕТ-НА)“ пред пратениците, која ја организираше Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието на РСМ.

Станува збор за наоди од деветмесечниот мониторинг на штетните наративи на политичките партии, анализирани во периодот од септември 2023 до мај 2024 година и како тие се пренесуваат на ТВ и во онлајн медиумите. Целта на настанот беше да се потсетат политичките актери на најчестите прекршувања на стандардите за етична јавна и политичка комуникација, но и да се отвори дискусија за тоа каков тон на комуникација подготвуваат политичките партии во предизборната и во изборната кампања, имајќи предвид дека следуваат локалните избори на есен.
„Добро е да се разговара, сметам дека има определени центри и индивидуалци кои го спуштаат долниот праг на пристојната комуникација. Секој пратеник, министер има право да избере на кој начин ќе ја води политичката комуникација, но долните граници треба да се почитуваат“, истакна пратеникот Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците .
Елеонора Серафимовска, членка на истражувачкиот тим, детално ги претстави клучните наоди за прекршување на стандардите за етична политичка комуникација и ги посочи најчесто застапените штетни наративи во комуникацијата на политичките партии и нивните лидери: поткопување на довербата во институциите, пристрасното селектирање на факти, лични напади и демонизација и поттикнување поделби.
Таа укажа на огромниот потенцијал на овие наративи да предизвикаат штета во многу сфери, истакнувајќи дека тие не служат за информирање, туку се полувистини, дури и дезинформации и лаги, а поривот да се пласираат е да се заострат поделбите и поларизацијата во општеството по национална, верска, а пред сè политичка основа.

Пратеничката Весна Бендевска порача дека сите учесници во политичката комуникација треба да понесат дел од одговорноста за она што се случува и дека секој треба да тргне сам од себе.
„Штетните наративи кои постојат во политичката комуникација низ годините ги гледам како Гордиев јазол. Мене ме фрапираа резултатите зашто не знам дали сме свесни што предизвикуваме со нашите говори кога ќе излеземе на говорница, а медиумите како трансмитери тоа го пренесуваат. Ако не седнеме да разговараме како да ги спречиме штетните наративи, ништо не сме направиле. Мора да се вклучиме во спречување на говорот на омраза“, порача Бендевска
„Истражувањето е значаен инструмент за воспоставување етички критериуми, кои нема да бидат само на хартија, туку прв чекор во градење на еден позрел демократски капацитет на институциите“, рече пратеничката Марија Петрушевска.
Учесниците во дебатата потенцираа дека употребата на говор полн со навреди и емоционални манипулации има директно влијание врз порастот на насилство во општеството – од фемицид до врсничко насилство.
Затоа, се повика на зголемена свесност кај политичарите за последиците од јавно изречениот збор, на промена на личното однесување, и на промоција на дискурс што вклучува почит и аргументираност. Само преку ваков пристап може да се обезбеди инклузивна и праведна јавна сфера, ослободена од реторика што продлабочува поделби и поттикнува насилство.