ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
04.09.2023
Штипјанец самоиницијативно направи сајт за следење на јавниот превоз во Штип

Штипјанецот Дарко Ефремов самоиницијативно направи сајт за следење на возниот ред на јавниот превоз во Штип. Сајтот овозможува следење и пребарување на достапни линии и станици за јавниот градски превоз. Иницијативата потекнала од тоа што, Ефремов сакал на корисен начин да ги искористи јавно достапните информации и да креира продукт, па така го прифатил предизвикот и за помалку од 12 часа ја креирал првичната верзија на сајтот.

Дарко Ефремов – креаторот на сајтот

Продуктот Ефремов го направил чисто од желба и љубов кон градот

„Штом ја пуштив страната во употреба, ги известив Градоначалникот како и директорот на ЈП Стипион за постоењето на истата – од кои добив поздрав и благодарност за иницијативата. Сепак, јас не очекувам, а ни не барам, никаква поддршка – било тоа финансиска или друг вид. Целиот проект е за мое лично задоволство, и желбата да имам позитивен импакт кон градот. Од мене за Штип. Единствено би било добро доколку уште повеќе податоци бидат пуштени во јавност за слободно користење, па можеби и некој друг ќе дојде со идеја за софтверско решени за проблем кој постои. “, вели Ефремов.

Со програмирање Ефремов се занимава уште од мала возраст, а вели дека за оваа вештина не се потребни дипломи или сертификати

Принтскрин од сајтот Јавен Превоз Штип

Програмирањето едноставно претставува алатка за наоѓање решенија за даден проблем. Па, така потекнувајќи од тоа дека луѓето сакат да ги имаат навремено достапните информации за точно да се знае каде е автобусот и дали ќе задоцни, ја креира оваа идеја. За подобар продукт,  потребно е автобусите да бидат опремени со ГПС следачи и тие информации да бидат јавно достапни за секој еден да може да ги користи.

„Програмерството е нешто што ми дозволува брзо да испробувам решенија за проблеми и да видам дали нештото ќе функционира онака како што замислувам. За некој да може да го користи програмирањето како алатка за изразување, воопшто не е потребна диплома или сертификат од некоја приватна академија. Наместо фрлање илјадници евра по академии, би препорачал на сите заинтересирани прво да испробаат да склопат решение за некој проблем (иако можеби има решенија за тој проблем веќе), за да видат дали е тоа нешто во кое ќе се пронајдат.“, вели Ефремов.

Сајтот досега го употребиле преку 100 луѓе

Иако, ова можеби не изгледа така голема бројка , сепак како за прв ден откако се плаќа превоз, Ефремов ова го гледа како позитивен почеток.

“Благодарение на споделувањето на фејсбук од многу луѓе, меѓу кои и претставници од неколку граѓански здруженија – се подигна свеста за постоењето на апликацијата, па така, денес како прв ден како се наплаќа превозот, до пладне имаше стотина посетители. 100 и не е така голема бројка, но ако земеме истите да ги ставиме во автобус… тоа се 2-3 полни автобуси. Па мислам дека и те како ќе има импакт врз искористивоста на јавниот превоз. Поради природата на апликацијата, која бара од корисникот да има телефон со пристап до интернет, и статистички најголем дел од луѓето сега ги исполнуваат тие услови, очекувам искористивоста да биде поделена помеѓу најразлични годишни граници.“, вели Ефремов.

Најчитаните текстови на ГОЦЕ.МК за 2023 година
Во која држава од регионот се пие најмногу пиво?