Спаско Алексов од Штип е приман на 8 престижни универзитети во САД меѓу кои се Georgia Institute of Technology, рангиран како 5 најдобар инженерски факултет во САД и Purdue University.
Спаско исто така е и еден од ретките кои успеа да заврши две учебни години во една во Гимназијата “Славчо Стојменски“ во Штип. За своите академски идеали и очекувања тој кажа:
“Уште од мал сонував да учам во Америка, дури и го гледав тоа како единствената опција за мене. Сакав да го живеам „Американскиот Сон“. За ова посветив две години труд. Најпрво се одлучив да пробам да ги земам учебните 3 и 4 година во една. Додека моите сокласници следеа настава во зимското полугодие во 3 година, јас ги полагав предметите од истата, а потоа во летното полугодие ги полагав предметите од 4 година. Месечно полагав по 3 предмети, па така, имав и два слободни месеци да се спремам за матурскиот испит и да го завршам средното образование една година порано.“, вели Спаско.
Каква е процедурата за запишување две учебни години во една?
Според член 52 од Законот за средно образование, ученикот кој во текот на образованието во јавните училишта се истакнува со способности, знаења и работни навики и има одличен успех може побрзо да напредува односно да заврши две години во текот на една учебна година. Потребно е Наставничкиот совет составен од професорите на училиштето да процени дека кандидатот е способен да изучува две учебни години во една. Според Спаско, клучно влијание имаат и воншколските активности и натпреварите, доколку кандидатот има учествувано на такви.
“Со оглед на фактот дека учебната година се одвиваше online поради Ковид, не ја изгубив дружбата со сокласниците што регуларно би ја изгубил. Сметам дека со добри работни навики и добра организација на времето може да се постигне сѐ. Додека моите сокласници ги следеа часовите, јас учев и слободното време потоа пак си го користев за дружба со нив.“, вели Спаско.
Што е потребно за да аплицираш за студии во Америка?
“Многу истражување, барање стипендии, пишување есеи, и полагање на „САТ“ тестови. САТ тестовите во превод се стандардни уписни тестови за факултети во Америка, на кои се полага познавањето на англискиот јазик преку академска анализа на текст, способностите на кандидатот за изразување и читање итн. и познавања од областа на математиката. На првото полагање на овие тестови имав 790 од можни 800 поени по математика, односно од студенти што се тестираат влегов во 99 перцентил, а при полагањето на англискиот јазик иимав 690 поени , што ме стави во 96 перцентил. Но, најголем удел имаат воншколски активности, односно волонтирање и членување во младински невладини организации со цел да се види инијацитивата, лидерските и комуникацисти вештини на кандидатот. Ми помогна тоа што бев дел од Извидничкиот Одред Еквинокс , Американско катче, и Младинскиот борд, а со блиски пријатели осоновавме и подорганизација за неформално образование наречена Креативна Станица.“, вели Спаско.
Девојка од Тетово учела две средни училишта истовремено – колку е тоа тешко?
Од потребната документација се бараат резултати од САТ тестовите, свидетелствата, лични мотивациски есеи, CV со сите значителни натпревари, работни позиции, воншколски активности и членство во клубови, спортови и слично.
Спаско им порачува на своите врсници дека со доволно труд и залагање и тие ќе можат да го остварат својот сон.