ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
04.10.2021
Штип има текстилен отпад кој треба да се решава
Автор: Goce Editor

Штип е текстилен град, живее од текстилната индустрија, но малкумина зборуваат за тоа дека таа индустрија создава отпад.  Текстилниот отпад за среќа може да се ре употреби, може да се искористи и да се врати во економијата, од него може да се профитира. Ова беше дел од идејата на настанот кој викендов се одржа во Штип како дел од активностите на Скопската модна недела, а беше под мотото „Македонија без отпад“ .

Настанот е во рамките на проект кој има токму таква цел, преку кружна економија да го реши текстилниот отпад во градот.  Настанот придонесе да се прикажат производи кои се создадени од текстилен отпад. Тоа често може да заврши како загадувач на животната средина, но со негова ре употреба се враќа во економијата.

Професор Игор Јорданов од Технолошко металуршкиот факултет од Скопје и основач на ИНО ТЕХ КЛУБ Штип укажа на важноста на пионерските чекори на оваа инцијатива.

 „Преку текстилен отпад да се формира производи со додадена вредност и да се намали загадувањето на животната средина е нешто кое допрва се развива и кое треба да послужи како модел на добра пракса за идни проекти. Проектот Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип има за цел да преработи само 6 тони отпад но преку неговата одржливост оваа цифра може да се зголеми многукратно“, вели проф. Јорданов.

Настанот се случи на платото пред Домот на Културата во Штип

Во дебатата се приклучи и Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница и стави акцент на промоцијата на концептот на циркуларна економија и социјално претприемништво кое е во зародиш во нашата држава а има огромен потенцијал за развојот на економијата.

Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип како партнер во проектот преку својот Технолошко технички факултет и студентите кои се вклучија ги произведе новите перничиња, јорганчиња, шалови и лејзи бегови од текстилен отпад од текстилните конфекции во Штип кои гордо беа презентирани од студентките на Технолошко техничкиот факултет под менторство на професорката Сања Ристески.

Студентките беа вклучени во целиот процес од самиот старт. Од дизајнирање, сепарација на добиените остатоци од материјали, полнење и дефилирање со моделите. Врвно и професионално рамо до рамо со професионалните манекенки од „Skopje fashion week“ .

Во Штип има над 80 текстилни компании, овој пионерски чекор кој го започнавме преку проектот Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип очекуваме да се развива, да се одржува и да се следи и од други чинители, изјави Дијана Насева од УГД, асистент на проектот и модератор на настанот.

Ваков настан докажа дека во Штип, како град на текстилот, треба и нужно е да се прават повеќе вакви настани кои ќе овозможат ангажирање на повеќе млади луѓе во организација, координација, логистика и реализација, а и со цел да се подигне свеста за тоа дека секоја индустрија создава отпад за кој треба да размислуваме пред да се појави сериозен проблем.

Судбината на штипската болница ќе се знае во октомври/ноември – министерството подготвува документација
Локалните радиостаници во Македонија пред голем предизвик