
Дом на млади- Штип ова лето понуди голем репертоар на културно забавни настани за младите. Еден од тие настани беше фестивалот „Од А до Штип“ кој се покажа како најпопуларен меѓу младите, посетен од преку 1000 луѓе. Директорот на Дом на млади Штип, Видан Лазарев ова лето го опиша како позитивен исход , а во иднина најавува настани од сличен карактер за младите.
Фото: Од А до Штип
„Знаејки дека ДНМ го има единствениот концертен простор на отворено во Штип, понудивме поголеми настани кои беа одлично прифатени од публиката. Реконструираниот летен концертен простор го отворивме со познатата македонска група Леб и Сол, потоа продолживме со првото издание на Македонски Фестивал на Хип-Хоп музика и урбани култури – Од А до ШТИП, реализиравме летна кино проекција, а бевме домаќини и на неколку концерти во склоп на ШКЛ. Најмногу внимание дефинитивно предизвика Од А до ШТИП! Настапија повеќе македонски хип-хоп групи, но и соло артисти. Тоа што е специфично за настанот е дека беше посетен со повеќе од 1000 луѓе млада публика, што значи дека сепак има „глад“ за нов бран на култура и енергија во нашиот град.“, вели Лазарев.
Видан Лазарев
Таргет на Дом на млади при организирање на настани се секако младите, но тие имаат и за цел да ги промовираат и да соработуваат исклучиво со македонски изведувачи и артисти. Во иднина , според Лазарев предвидени се повеќе активности олд типот на концерти, промоција на нови бендови, промоција на млади музичари, уметници, ликовни колонии, работилници. Во периодот што следи ќе се оддржи Астибо Џез Фестивал, кој е во организација на ДНМ.
Фото: Од А до Штип
Дом на млади, сака да понуди културна програма за младите и место каде што ќе може да присуствуваат на нешто поинакво наместо на забава во дискотеките.
„Културата е процес за кој е потрбно време и константност. ДНМ како институција која нуди неформално образование се стреми да идентификува вредности кои ќе ги движат младите во вистинска насока. Сепак, тоа е поврзано со нашата историја, преку која даваме примери кои ни овозможуваат да еволуираме културолошки. Тимот на ДНМ континуирано работи на креирање на настани кои ќе го кренат нивото. На кратко, преземавме неколку чекори преку кои ќе продолжиме да допринесуваме за афирмацијата и развој на сите уметности и активности на кои целната група е младата популација.“, вели Лазарев.