
22 Март е посебен ден за штипјани, кога го одбележуваат празникот и традицијата „Четерсе“. Овој обичај потекнува од верскиот празник „Свети 40 маченици“, кој во Штип се одбележува на посебен начин.
Штипјани на овој ден се искачуваат на тврдината Исар и на тој начин го прославуваат празникот. Застануваат во црквата која е на Исарот, а при качувањето кон врвот имаат интересен обичај. Според традицијата, учесниците треба да се поздрават со најмалку 39 луѓе, а 40-тиот го прегрнуваат. Младите собираат и 40 камчиња, 39 ги фрлаат од врвот на Исарот, а едно оставаат под перница зашто, според верувањето, ќе го сонат животниот сопатник. Тој ден праткично сѐ е во знакот на бројката 40. Голем дел од работите што луѓето, кои го празнуваат овој празник, ги прават се во знакот на бројката 40.

Исарот
Овој уникатен начин на прослава низ годините во Штип бил доста популарен. Целиот град го живеел овој празник. Последните неколку години ја нема еуфоријата како претходно, но годинава повторно се закажани одредени настани кои можат да го вратат стариот дух на апсолутно уникатниот празник.
Во пресрет на „Четрсе“, оваа година штипјани организираат и еколошка акција за чистење на Исарот. Акцијата ќе се одржи на 20.3.2026 (петок) со почеток од 11:00 часот. Тие ги повикуваат сите заинтересирани да понесат ракавици, ќесе и добра енергија и заедно да го подготват местото, кое е обележје на градот, достојно за претстојната традиција.

Во подножјето на Исарот се наоѓа Домот на Младите, место кое секоја година се вклопува во празнувањето на празникот. И оваа година ќе има настан по тој повод.
Вечерта , пред празникот, тие подготвуваат забавна агенда, која ќе ги внесе штипјани во „елемент“. На 21.3.2026 (сабота) со почеток од 20:00 часот и слободен влез, во просториите на Дом на Млади, ве очекуваат бројни музички артисти и бендот „WhyNot“.