Октомври е месец за кревање свеста за заболувањето АДХД што претставува дефицит на внимание и нарушување на хиперактивноста. АДХД се дефинира како состојба со многу висок степен на моторна активност како манифестација на многу висока ментална активност. Нешто повеќе за симптомите и дијагностиката ни кажа психологот проф. Ана Чучкова.
За да се дијагностицира АДХД на време, треба да се набљудува однесувањето на детето во средината училиште-дома. Најчесто дијагнозата се поставува од 6 до 12 годишна возраст. Според Проф. Чучкова ова се 6 симптоми на кои треба да се посвети внимание.
“Краток опсег на внимание и лесно расеан. Правење безгрижни грешки – на пример, во училишните задачи делува расеано или губи работи. Неспособност да ги следи задачите што се мачни или одземаат многу време. Често се мисли дека не може да ги слуша или да ги извршува упатствата на задачите. Постојано менување активност или задачи. Има потешкотии да организира задачи. Хиперактивност и импулсивност. Главните знаци на хиперактивност и импулсивност се: неспособност да седи мирно, особено во мирна или тивка околина, постојано треперење, неспособност да се концентрира на задачите, прекумерно физичко движење, прекумерно зборување, не може, да чека на ред. Дејствува без размислување и често ги прекинува разговорите, ниско или без чувство на опасност. Овие симптоми можат да предизвикаат значителни проблеми во животот на детето, како што се недостиг на успех во училиште, слаба социјална интеракција со други деца и возрасни и проблеми со дисциплина.”, вели Проф. Чучкова.
Од голема важност е навременото препознавање на симптомите, бидејќи третирањето на ова нарушување бара терапија со комбинација на Когнитивно бихевиорална психотерапија и медикаменти. Исто така, неопходно е и известување на персоналот во училиште за состојбата кај детето и заедничка соработка со родителите.
Според Центарот за контрола и превенција на болести, момчињата имаат три пати поголема веројатност да добијат дијагноза на АДХД отколку девојчињата. Причина за ова е поголемата изразеност на симптомите кај момчињата за разлика од кај девојчињата, па кај нив е полесно да се препознае дијагноза.
Најчесто АДХД поминува во пубертет но има луѓе кои се борат со оваа нарушување до крајот на животот. Што се случува доколку не се дијагностицира на време и каков ефект може да има врз адултна личност?
“Возрасните со АДХД најчесто работат премногу брзо, ретко премислуваат за последици и ретко се двоумат. Ова однесување често го користат кога се бара брза реакција и решение за одреден проблем. Тешко ги разбираат колективните упатства. Тие се силно фокусирани кога го прават она што го сакаат но често ги менуваат плановите. Имаат многу добра перцепција и голема моќ на набљудување. Собираат многу информации за кратко време иако навидум не изгледа така. Во зрелоста, тие не се мотивирани од награди и пари туку од нивните интереси. Емоционалноста исто така е поразлична. Тие со цело свое битие го доживуваат она што го прават. Кога се под емоционален жар и силни интереси, тие влегуваат во хиперфокус- силна концентрација. Имаат концептуално размислување т.е. размислуваат во ширина, прво го разбираат концептот а потоа се поврзуваат деталите. Лицата со АДХД во текот на животот учат како да ја користат така наречената “маска”. Имено, за време на животот, едно лице се обидува да ја прилагоди својата личност кон мнозинството, односно да биде што е можно поненаметливо. Со други зборови, таа се преправа дека е заинтересирана и се однесува како мнозинство иако не е.”, вели Чучкова.
Децата често можат да се справуваат со проблеми без притоа родителите или возрасните да бидат свесни за тоа. Затоа е важно да се биде едуциран и за цело време да се набљудуваат децата.