ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
03.05.2022
Што се крие зад личностите кои на интернет шират говор на омраза?

Интернетот и социјалните мрежи се места каде секој може да го каже своето мислење, но и место каде може да се најде говорот на омраза. Ваквиот говор е сериозно опасен. Некогаш може да предизвика насилство или пак засекогаш да оштети некоја личност.

Што се крие зад профилите на кои секој коментар содржи говор на омраза и јавно се потсмеваат на нешто или некого? Коректен одговор и разјаснување на ова прашање ни даде Радмила Манчевска, магистер по клиничка и советодавна психологија, психолог и психотерапевт во АСПЕКТИ-ИСТОК и психолог во СОУ „Ванчо Прќе“ во Виница.

Ако некој те исмева во коментар може да алудира на повеќе нешта. Или личноста е директно повредена, или е фрустрирана од други случувања и луѓе, или се чувствува инфериорно, па се обидува да се справи со сопствената инфериорност преку напаѓање и омаловажување на другите со што се чувствува малку повредено. Накратко, во денешно време, луѓето споредувајќи се со некои нереални и идеализирани луѓе или случувања, често знаат да се доведат во состојба на незадоволство. Најчесто како основен критериум е финансиската моќ со што континуирано се прават несреќни и незадоволни, и сакајќи да ја подигнат сопствената вредност, најлесно е да ги омаловажуваат другите.“, вели Манчевска.

Радмила Манчевска – психолог и психотерапевт

Говорот на омраза е најзастапен на социјалните мрежи. Со оглед дека таму нема никаков филтер, социјалните мрежи се место каде сериозно се шират навреди кон луѓе или групи на луѓе. Особено загрижува и што официјални медиуми понекогаш го подржуваат ова однесување.

Проблемот со говор на омраза и понатаму е на листата на најзначајните прекршувања на новинарски стандарди на кои се жали јавноста до СЕММ. Ова зборува дека говорот на омраза е застапен во јавната комуникација и низ медиумите. Ние, како тело што се грижи за почитување и промоција на професионалните новинарски стандарди, а притоа ја следиме работата на медиумите, сме загрижени кога самите медиуми промовираат или поддржуваат говор на омраза, низ нивните содржини и програми, но и на официјалните страници на социјалните мрежи, каде што впрочем е и најзастапен говорот на омраза. СЕММ постојано апелира до медиумите да имаат на ум за одговорноста на јавно искажаниот збор и за фактот што говорот на омраза заедно со вербалната агресија честопати можат да бидат или да се толкуваат како поттикнување на физичко насилство. Младите луѓе кои се во фаза на созревање и ја формираат својата личност се силно подложни на медиумските влијанија, па затоа е исклучително важно медиумите да не заборават дека освен улогата да информираат, тие имаат и задача да се грижат за културата на говор и за промоција на општествен дијалог на едно демократски зрело ниво.“, вели Катерина Синадиновска, претседателката на извршниот одбор на Советот за етика во медиумите во Македонија.

СЕММ заеднички со државните институции и други невладини организации,  дејствуваат во спречување на говорот на омраза, преку Мрежата за борба против говор на омраза.

Катерина Синадиновска – Совет за етика во медиумите

Проблемот со говорот на омраза е повеќеслоен и за да се надмине или барем за да се контролира потребна е соработка од повеќе фактори, за секој во својот дел да си ја заврши задачата. Невладините преку нивните мисии, медиумите преку почитувањето на новинарските стандарди во известувањето и Кодексот на новинари и државата со нејзините институции преку имплементација на постојните законски решенија. Претходно споменав дека СЕММ апелира до своите членки и до сите медиуми на важноста на овој проблем и тоа е важно од аспект на превенција и подигнување на свесноста, но не смееме да заборавиме дека главниот збор во поглед на санкциите го има државата. Говорот на омраза е кривично дело и како такво треба да се третира. За жал, токму и низ нашата работа, се потврдува дека и покрај одредениот напредок, државата, односно институциите коишто се директно надлежни во спроведување на Законот затајуваат  па неговата примена во борбата со говорот на омраза е честопати недоследна, ненавремена и селективна.“, изјави Катерина Синадиновска.

Лажните профили често се оние кои шират говор на омраза и навреди. Негативните коментари и говорот на омраза можат сериозно да повредат една личност. За искуството и справувањето со нив ни сподели Ѓорче Јанакиев, млад човек кој е доста активен на социјалните мрежи.

Ѓорче Јанакиев – Инфлуенсер

Уште кога одлучив да се прикажам јавно, се согласив дека секој може да ме коментира и да има некое мислење за мене. Таа мисла ми беше водечка сѐ до моментот кога не почнаа навистина лоши коментари што не беа директно за мене, туку за семејството, пријателите и најблиските. Таквите коментари знаеја да ме повредат, но со текот на времето сфатив дека исполнета личност никогаш нема да напише такво нешто, посебно не од лажен профил. Дури и говорот на омраза успеа да ми помогне во тоа да се развијам како личност и да созреам во вистинска смисла на зборот, што не значи дека и на некој друг би влијаело така. Сѐ зависи од карактерот на личноста. Негативните коментари имаа влијание врз мене додека не се имав пронајдено себеси и не знаев кој сум навистина. Ми требаше време за да дојдам до точката каде сум сега, а тоа е дека ми е сеедно кој што ќе каже! Може звучи како нешто невообичаено, но самодовербата ми се зголеми повеќе затоа што гледав на целото нешто како помош да се спознаам себеси и да го подигнам прагот на толеранција до степен нештото да не допира воопшто до мене! Важна е работата на себеси!“, изјави Ѓорче, кој на некој начин е инфлуенсер, и е изложен повеќе на позитивни и негативни коментари од секаков вид.

Останува да развиваме емпатичност до степен кога ќе бидеме свесни дека секој изустен или напишан збор влијае кај оној што нѐ слуша или чита.

проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица
Воздухот значително загаден и во градинките и школите