
Со приближувањето на новата академска година, бруцошите се соочуваат со големи предизвици и стравови кои ги носи неизвесноста од високото образование и првиот академски час.
Слушајќи искуства од постарите колеги може да се охрабрат и мотивираат, преку имплементација на нивните совети и што ним им помогнало за да го надминат стравот од првите колоквиуми и испити. Нешто што студентите го имаат заедничко како совет за бруцошите е дека секогаш треба да се избере она што навистина те исполнува како личност и за кое мечтаеш да го работиш во иднина.

Александар Величков
„Како студент во 6 година би сакал да и посочам на студентите дека најважно од сè е да те исполнува она кое го учиш и работиш, а не само да го завршиш. Најпрво оцените не се најважното нешто, туку праксата, вештините и контактите вредат многу повеќе на долг рок. Во периодот на факултет се јавува многу повеќе самостојното учење и никој нема да те “тера” како во средно, на начин што ти мораш сам да го организираш своето време. Научив дека не е срамота да паднеш испит, затоа што тоа се случува и на најдобрите, она што е важно е да не се откажеш, никогаш! И на крај, факултетот не те дефинира како личност – важно е што правиш со тоа знаење, а не само каква диплома имаш“, вели Александар Величков, студент на Општа медицина, при УГД – Штип
Високото образование значително се разликува од средношколските програми и динамика на кои се навикнати бруцошите. Покрај академската созреаност, овде на тест се става и индивидуалната независност на студентот, неговите вештини за организација, критичко размислување и снаодливост во новата средина.

Марија Мицевска
„Би сакала да знаев дека не е доволно само да се присуствува на предавања, потребна е постојана активна интеракција со материјалите, следење на правната практика и вклученост во воннаставни и практични активности кои ја збогатуваат теоретската основа. Исто така, би сакала да знаев дека не сѐ зависи од оценките – туку и од практичните искуства, вмрежување и активно учество во студентски активности. Познавањето на овие аспекти однапред би придонело за полесна адаптација и поефикасно менаџирање на времето и обврските.“, вели Марија Мицевска, студентка на Правен Факултет при УКИМ – Скопје.
Секој од студентите барем во еден момент од студентскиот живот бил запознаен со различни митови поврзани со неговиот факултет и дека веднаш по завршувањето на високото образование доаѓа успешна и светска кариера. Понекогаш студентите од своите искуства може да создадат стандардизирано правило кое ќе го пласираат како вистина на останатите студенти создавајќи една нереална слика во која веруваат сите.
„Најголемиот мит кој го слушав од многу луѓе пред да се запишам на Правен факултет беше тоа дека мора се да се учи напамет, но уште првиот месец воочив дека не е тоа така“, вели Марија Николова, студент на Правен факултет при УГД – Штип.

На митот за учењето напамет, се надоврза и колешката Марија Мицевска која истакна дека реалноста за правните науки е дека бараат длабоко разбирање на концептите, контекстуална анализа на правните норми, логичка аргументација и постојано следење на правната пракса и развојот на законодавството. Оваа дисциплина не е само академска, туку и практична – затоа успехот зависи од ангажманот на студентот, неговата способност да се адаптира на промените и да размислува правно и етички во реални ситуации.
Уште еден мит кој е длабоко врежан кај учениците и бруцошите, па дури и кај постарите кои често знаат да советуваат дека ако учиш редовно, се ќе биде во ред. Реалноста според Александар е малку поинаква:
„На факултет ќе ти биде лесно ако учиш редовно.“ Всушност и не е баш така. Понекогаш можеш да учиш и редовно и пак да не разбереш доволно, или испитот да биде тежок и непредвидлив. Не е само до учење – важно е како учиш, дали разбираш, дали се адаптираш на професорите, дали знаеш да се снајдеш кога е тешко. Може да биде, но не е така за сите. Друг мит е дека „Факултетот е најубавиот период во животот.“ Може да биде, но не е така за сите. Многумина се соочуваат со стрес, осаменост, финансиски проблеми и притисоци. Тоа не значи дека не вреди, туку дека треба да се биде реален – убавите моменти ќе дојдат, но ќе има и предизвици “, вели Александар.