
Утрово почна штрајкот во образование, на згрижувачкиот и воспитен кадар во градинките и на наставниот кадар, откако деновиве не се постигна договор помеѓу СОНК и Владата.

„Штрајкувачите се во просториите за штрајк, и ги не извршуваат работните задачи. Нема да седат 8 часа затворени во просторија, туку онолку колку што е работниот ден. Училиштата добро функционираат по основа на штрајк, проблеми има во дел од детските градинки, се бара од директорите да бидат прифатени децата кои доаѓаат. Во од ќе ги решаваме проблемите. Градинките смеат да примаат деца, ние не ги затвораме установите, задача на директорот е да си го планира и реализира работењето на организацијата. Реагираме на лошиот закон кој треба да се смени, невозможно е во вакви услови да се примаат други работници, кои би се грижеле за децата во градинките и училиштата. Директорите во вакви услови треба да излезат и да им објаснат на родителите кој ќе се грижи на нивните деца“ – вели Јаким Неделков, претседател на СОНК во Студио 10 на ТВ24.
Го почитувам синдикалното право на штрајк, но тој треба да биде крајна одлука и последен чекор, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири и додаде дека социјалниот дијалог ќе продолжи и дека денеска или утре со СОНК ќе имаат средба.
Генералниот штрајк во училиштата и градинките СОНК го организира бидејќи не е исполнето барањето на СОНК веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на минималната плата, која од овој месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари, како и дополнително – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.