
Штрајкот во образованието, кој е најавен за понеделник, а е неизвесно колку може да потрае, може да предизвика проблеми за матурантите. Тие треба да полагаат државна матура, од која натаму им зависи и запишувањето на факултет.

Најавениот штрајк во образованието да не го прекине процесот на полагање државна матура, бидејќи таа е врзана со рокови и ќе биде на штета на сите инволвирани, изјави вчера во Делчево Елизабета Наумовска, директор на Државниот испитен центар (ДИЦ).
–Она што го слушнав од Јаким Неделков, дека ќе се прекине и полагањето на матурата, јас би сакала наставниците да сфатат, бидејќи и јас доаѓам од средно училиште како наставник, да им излезат во пресрет на сите матуранти да продолжат со полагање на проектната задача и понатаму со полагање на интерните и екстерните испити од државна матура, бидејќи сме врзани со рокови, рече Наумовска.
Додаде дека ДИЦ ги привршува сите обврски за навремено организирање на државната матура и подготовка на испитниот материјал за екстерните испити кои и оваа година ќе се полагаат во услови на пандемија.
–Во постојан контакт сме со сите училишта, со сите матурски комисии, меѓутоа и со Сојузот на средношколци со кои се договоривме да се полагаат во услови на пандемија два екстерни испита, два интерни испити и проектна задача. Во училиштата во моментот е во тек полагање на проектната задача и затоа повторувам и ги повикувам и наставниците, во интерес на нашите деца матуранти, на кои полагањето матура им е важно за нивната иднина и да го продолжат високото образование, да не го прекинуваат процесот на државната матура, додаде Наумовска.
Директорката на Државниот испитен центар вчера беше во Делчево за мониторирање на меѓународното ПИСА-тестирање, кое се спроведе во гимназијата „Методи Митевски-Брицо”.