
Дали сте параноични во врска со вашите лозинки? Дали ја криете лозинката од вашиот/ата дечко/девојка.. другар/ка? Криете ли нешто на вашиот меил или на вашиот паметен телефон?
Додека се преиспитувате во себе дали криете, ајде да бидеме искрени – сите имаме интимни работи кои не би сакале со никого да ги споделиме. Затоа и смислуваме полесни или потешки лозинки со кои ќе ги заштитиме нашите лични и интимни податоци или нашите средства во банка.
Ако имаме едноставни лозинки, на хакерите би им било многу лесно да дојдат до нив и тогаш нашите податоци се во голема опасност, лесно може да излезат во јавност или да бидат украдени а со тоа да ни се нанесе голема загуба.
И оваа година компанијата SplashData ја објави листата со најлоши лозинки и најчести лозинки за 2021 година. Првите 10 најкористени лозинки се 123456, 123456789, 12345, qwerty, password, 12345678, 111111, 123123, 1234567890 и 1234567. Искусен хакер може овие едноставни лозинки да ги пробие за неколку секунди.
Лозинката 123456 е користена повеќе од 100 милиони пати и покажува дека оваа едноставна лозинка останува омилена кај корисниците кои не сакаат да мислат на онлајн безбедноста. Анализата уште покажува дека лозинките се често поврзани со автентични податоци за личноста, регионот, државата, религијата, најдобриот локален фудбалски клуб.
И додека размислувате дали вашата лозинка е доволно сложена и дали е лесна за пробивање еве ви еден совет: постојат апликации кои чуваат и генерираат лозинки на безбедно место, а вие како корисник треба да запаметите само една главна лозинка. Ако имате сметка на Google веројатно знаете дека сите нивни корисници користат дво-факторска автентикација па покрај лозинка бара и код за најава а Microsoft овозможува целосно отстранување на лозинките и најавувањето да се прави преку Authenticator апликацијата.
Ако го прочитавте текстот до крај, веројатно веќе ја менувате вашата лозинка, а ние се надеваме дека ставивте потешка и поретко користена. Еден мој колега имаше ставено лозинка – сакам бурек, којзнае колку често е користена во Македонија, ама е креативна, да бидеме искрени 🙂