Собранието на РСМ го објавува отворениот оглас за 7 вработувања, односно 7 нови позиции во Собрание кои за прв пат се креираат сега.
Собранието бара раководител на Одделение за реализација на програма (Собраниско ТВ студио) – продуцент/режисер, потоа два новинари (новинар 1, новинар 2), два сниматели, по еден видео и тонски монтажер.
Со помош на НДИ, во рамките на швајцарската Програма за парламентарна поддршка, во собраниската систематизација се формираше ново Одделение за реализација на програма (ТВ студио) кое ќе биде задолжено да креира сопствена програма. во рамки на новото ТВ-студио кое во моментов е во изградба и опремување во самата зграда на Собранието. Законските измени за формирање на ваков оддел, како и проширување на делокругот на работа на Собранието беа направени со консензус на сите пратенички групи кои заеднички ги изгласаа измените на Законот за Собрание во јули 2021 година, се вели во информацијата од собранието на РСМ.
НДИ и проектните партнери, заедно со Собранието, ќе ја вршат селекцијата на кандидати, а во следниот период е предвидена и екстензивна соработка/обуки/студиски посети на развиени параламентарни ТВ сервиси (пр. ББЦ и Британскиот парламент, Швајцарско федерално собрание, германскиот Бундестаг и др.).
Огласот првично предвидува ангажман преку Агенција за времени вработувања (со која Собранието има договор) на 4 месеци како пробен период (мај-септември 2023 год.), а потоа договорите ќе им бидат продолжени дополнително до целосно интегрирање во редовната собраниска служба во текот на 2024 година.
На следниот линк може да се пристапи до целиот оглас и сите детални информации за објавените позиции.