
Рускиот медиумски регулатор (Роскомнадзор) објави дека ја блокира социјалната мрежа Фејсбук за корисници од Русија.
Фото: Quixote globe
Соопштено е дека причината за блокадата е „дискриминација на руските медиуми“. Станува збор за 26 случаи и ограничувања по наредба на Министерството за одбрана. Меѓу нив се Звезда, РИА Новости, Спутник на странски јазици, каналот Раша Тудеј (РТ), Лента и Газета.
Проблемите со пристапот до Facebook за руските корисници постојат веќе неколку дена, но тие се решени со помош на VPN.
Во последните денови Роскомнадзор ја блокираше работата на независната ТВ Дожда, Радио Ехо на Москва, сајтовите на Медуза, Би-Би-Си, Дојче веле, Слободна Европа и Нова Газета.
Претходно Русија го блокираше и Твитер, кој пак се приклучи кон санкциите.
Твитер ќе се придржува до санкциите наметнати од Европската унија за руските медиуми РТ и Спутник кога наредбата на ЕУ ќе стапи на сила, соопшти компанијата.
„Санкциите на Европската унија веројатно законски ќе бараат од нас да негираме одредена содржина во земјите-членки на ЕУ. Имаме намера да се придржуваме до наредбата кога ќе стапи на сила“, рече портпаролот на Твитер во изјавата испратена до Ројтерс преку е-пошта.
Твитер, надвор од Европската унија, ќе продолжи да се фокусира на намалување на видливоста на содржината на овие медиуми, како и на нејзино означување.
Видео сервисот Јутјуб „ги блокираше каналите на руските државни медиуми РТ и Спутник низ Европа поради ситуацијата во Украина, соопшти компанијата во сопственост на американскиот технолошки гигант Гугл.
Беше кажано и дека таквата одлука ќе стапи во сила веднаш, пренесува Ројтерс.
„Ќе биде потребно време нашите системи да бидат целосно редизајнирани. Нашите тимови продолжуваат да ја следат ситуацијата дење и ноќе со цел да преземат брза акција“, се вели во соопштението на портпаролот на YouTube.
Ваквите мерки следеа по сличните акции на компанијата-мајка на Фејсбук Мета Платформи. Таа објави дека ќе го ограничи пристапот до телевизиската мрежа РТ и новинската агенција Спутник на нејзините платформи низ Европската унија.