ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
02.09.2022
Среќна нова учебна 1900 и некоја….

Колумна

 

На првиот ден од новата учебна година, наместо учебници, учениците добија свидетелства! Нова пракса, која всушност само е логичен след на се што ни се случува долги години во образовниот систем.

Фото: МОН

Политичките парии се борат за превласт во министерството, при распределбата на ресорите не е важно какви кадри ќе влезат во него. Важно која партија ќе го добие ресорот образование. И во тие моменти сите знаат кои се проблемите, знаат дека бргу треба да се реагира за да завршат тендерите и децата навреме да ги добијат свидетелствата или учебниците на почетокот на новата учебна година. Да не потсетуваме дека сите добро знаат дека училишните објекти во најголем дел „плачат“ за подобрување на условите,за нормални тоалети, за квалитетни прозорци…

Но, само знаат. Секоја нова учебна година е иста. Таква е и оваа, 2022/23, во која на првиот училишен ден децата наместо учебници ги добиваа свидетелствата од претходната година. И сето тоа минува онака, со понекоја бледа реакција (граѓаните тука-таму, а политичарите – ако се од опозицијата, ќе го критикуваат она што самите го правеле кога биле на власт, ако се од власта, ќе наоѓаат оправдување за своето неработење).

И во новата учебна година образованието жртва на политиката

Реално, реакциите се многу поблаги отколку оние за тоа дали ќе се оди на настава онлајн или со физичко присуство, за што се кршеа копја посебно на социјалните мрежи, се организираа протести, се снимаа видеа од расправии со директори, педагози… Тоа, дека некој не си ја завршил работата, не обезбедил навреме учебници за учениците, што тендерите се секогаш изговор, не предизвикува толкава реакција.

А така е, затоа што во моментот тоа не и одговара на некоја, или пак на сите политички опции. Затоа што со години се повторува истата ситуација на негрижа и неодговорност за состојбите во образованието. Затоа што за политичките партии е поважно да ги реализираат партиските вработувања планирани во образованието (или да ги задржат партиски вработените), да постават свој директор, да сменат некој економ или хигиеничар затоа што не им е по ќеф и не е на „линија“. Не е важно уште одсега да се мисли на свидетелствата кои ќе треба да се поделат во јуни 2023, на учебниците….

Ќе доцнат новите учебници за четири одделенија, се средуваат ракописите и се бара фирма што ќе ги печати

За тоа ќе се мисли кога ќе биде предоцна и кога ќе се бараат изговори, во паузата меѓу две преговарања за зголемување на платите, или меѓу ламентирањата над тешките состојби, намалениот број на првачиња, учениците кои ги малтретираат наставниците, родителите кои бираат наставници и училишта и бараат посебен третман за своите деца…

Во меѓувреме, со понекој сменет прозорец со странска донација, со понекое столбче пред училиштата и некое средувањње на училишен парк, директорите ќе го тераат мандатот, градоначалниците и министрите ќе се сликаат на пуштање во употреба на некоја сензорна соба или реновирана училница (пак најчесто со донации од странство или некој наш донатор), а големата слика во позадина ќе остане иста – хаос и вечна (не)реформа на образованието!

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?