ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
01.07.2022
Средната оценка од екстерното испитување е повисока од лани и изнесува – 3,78
Автор: Goce Author

Резултатите од екстерното испитување од државна матура оваа година се пратени до училиштата, а денеска напладне ги објави и Државниот испитен центар. Секој кандидат може да ги провери резултатите со електронски најава на http://rezultati.dic.edu.mk.

„Средната оценка на екстерните испити од прелиминарните резултати е 3,78 и е повисока во однос на минатата година кога изнесуваше 3,61“, информираше ДИЦ, кој резултатите ги објавува 12 дена порано од законскиот рок.

До 5 јули следува период на приговори кои учениците може да поднесуваат во училиштата. Резултатите од приговорите ДИЦ ќе ги објави на 11 јули. Увидот во тестовите лично од кандидатите ќе биде на 13 јули во ДИЦ со претходна најава и закажување термин телефонски на 12 јули.

За дополнителни информации матурантите може да се информираат од училишните матурски комисии во своите училишта и на www.matura.gov.mk.

Државната матура оваа година се реализираше во согласност со договорот со средношколците, односно два екстерни, два интерни предмети и проектна задача и скратени испитни програми.

Првиот екстерен и задолжителен испит – Мајчин јазик и литература (македонски, албански или турски јазик) кандидатите го полагаа на 4 јуни, а на 13 јуни го полагаа вториот екстерен испит, кој е изборен од предметите математика, странски јазик (англиски, француски, германски или руски), естетика и филозофија.

Матурантите кои не ја положиле државната матура или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 10 и 12 август.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?