
Годинава за првпат ќе се одржи средношколскиот настан „СРЕДНОЛЕНД“ на кој талентираните ученици пред граѓаните на Скопје ќе се промовираат себеси, но и нивните училишта.
Настанот, кој е во организација на Универзална сала, а е инициран од професори и ученици од неколку скопски средни училишта, ќе се одржи од 2 до 6 мај на неколку локации во главниот град – Плоштадот Македонија, Културно-информативниот центар (КИЦ), Младинскиот културен центар (МКЦ) и Градски парк – Школка.
На „СРЕДНОЛЕНД“ средношколците ќе ги претстават своите таленти преку музика, танц, ликовна уметност, драмска уметност, фотографија и филм.
„Целта на настанот е да ги насочиме учениците кон вистинските вредности, развивајќи интерес кон уметноста и културата, и да го приближиме светот на средношколците до јавноста, преку приказ на нивните таленти и нивните интереси, поставувајќи темел за соработка меѓу училиштата и меѓуинституционална поддршка… СРЕДНОЛЕНД е приказ на светот на средношколецот – свет на безгрижност, младост, свет на пријателство“, велат организаторите на настанот.
Годинава учество на „СРЕДНОЛЕНД“ ќе земат скопските училишта „Георги Димитров“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Никола Карев“ и „Раде Јовчевски – Корчагин“.
Извор: Мета.мк