ЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, по повод 1 декември – Светски ден против СИДА во соработка со средното училиште СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ денеска организираше работилница за средношколци, спроведена од тим на средношколци кои им пренесоа знаења на своите соученици, пријатели и познаници на тема сексуално преносливи инфекции, со фокус на важноста од ХИВ превенцијата.
Како што информираат оттаму, работилницата е во рамки на континуираните активности за информирање и едукација на јавноста кои ХЕРА ги спроведува, со оглед на тоа што, како што велат, е многу важно постојано да се работи на подигнување на јавната свест и кај младите за темата и ставање крај на стигмата и стереотипите поврзани со ХИВ.
Сексуалното здравје и права, нагласуваат, се од суштинско значење за постигнување на човековите права, доброто здравје и целокупната благосостојба, особено за луѓето кои живеат со ХИВ или се изложени на ризик од ХИВ инфекција.
-Пристапот до превентивните услуги за ХИВ обезбедува поздрави заедници и нè доближува до ставање крај на СИДА-та како закана за јавното здравје. Но, истражувањата покажуваат дека с è уште една од најголемите пречки за справување со ХИВ е доцната дијагноза, затоа превенцијата и раното откривање на ХИВ се клучни. Секој има право да се чувствува здраво. Со раното откривање на ХИВ и навремениот третман, целосно се спречува ризикот од понатамошно пренесување на инфекцијата преку сексуален начин. Антиретровирусната терапија покрај тоа што им овозможува на лицата со ХИВ да живеат долго и квалитетно, е ефективна превенција на ХИВ, бидејќи го намалува вирусот на недетектибилно ниво, а со тоа оневозможува натамошен пренос. Искуството покажува дека ХИВ инфекцијата е несразмерно распространета во заедниците кои доживуваат сиромаштија и нееднаквост. Како дел од националната програма за ХИВ, повеќе од дваесет години 14 граѓански организации ширум државата нудат бесплатни услуги за превенција од ХИВ, кои вклучуваат скрининг и заштита од ХИВ и други крвно и сексуално преносливи инфекции кај ранливите групи граѓани. Затоа, важно е превентивните активности да продолжат во континуитет, со фокус на тестирањето за ХИВ и подигнување на јавната свест кај граѓаните, бидејќи на таков начин, можеме да ставиме крај на ХИВ епидемијата, се вели во соопштението од ХЕРА.
Ева Спасевска, програмска раководителка во ХЕРА истакнала дека превенцијата за ХИВ е клучна, но, оти во континуитет се намалуваат токму средствата за превенција од Превентивната програма за ХИВ-инфекција, поради што постои опасност од престанок на услугите кои ги користат над 8.000 граѓани и со кои се спречува епидемија на ХИВ и се обезбедува животоспасувачка превенција.
-Со инвестирање во превенција и тестирање ќе откриеме повеќе луѓе кои живеат со ХИВ, а не се свесни за истото, што на долг рок ќе резултира со драстично намалување на бројот на нови инфекции и потиснување на епидемијата. ХЕРА како и другите граѓански организации кои работат во оваа област, се важен партнер на институциите затоа што тие работат и со граѓаните на терен и имаат контакт со ранливите заедници и лицата кои имаат отежнат пристап, или воопшто немаат пристап до здравствени услуги. Потребен е заеднички ангажман на сите чинители затоа што здравјето е право, а не привилегија и одржување на услугите за превенција е во корист на сите граѓани, рекла таа.
Нина Кнагс, професорка во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, пак, нагласила дека преку предавањата, програмските активности и содржини, се увидело дека учениците немаат доволно познавање од темата сексуално преносливи инфекции.