Иван Костевски е средношколец во Гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип, а во текот на неговото образование тој има учествувано на низа интернационални натпревари од областа на природните науки.
Во текот на оваа година тој брои повеќе успеси, меѓу кои златен медал освоен на International Neo Science Olympiad во категорија физика и сребрен медал на Ιnternational STEM Olympiad.
Кон крајот на месец април учествувал на Интернационалната Менделеева Олимпијада по хемија (IMChO 2024) одржана во Кина, a во јули му престојува учество на најпрестижната хемиска олимпијада IChO во Саудиска Арабија.
Учествата и успесите се од честа практика за Иван, кој вели дека отсекогаш бил љубопитен за природните науки, особено во основно училиште кога започнал да ги изучува.
Бидејќи посетува по неколку Олимпијади и натпревари во текот на годината, неговите подготовки се интензивни.
“Се трудам секојдневно да посветам неколку часа на подготовки, добивање нови информации и усовршување на вештините. Се разбира пред олимпијадите овие подготовки се интензивни и потребно е да се посвети поголем дел од денот. Покрај индивидуалните подготовки понекогаш имаме предавања или практична работа во лабораторија на ПМФ при УКИМ. Се разбира дека жртвувам дел од слободното време, но не жалам за тоа бидејќи сум задоволен со начинот на кој го имам поминато тоа време и ми е задоволство. Сепак, со добро организирање на времето се трудам да имам социјален контакт со моите врсници или пак да се занимавам со спорт.“, вели Иван.
Сепак, за учеството на интернационалните натпревари, трошокот е на грбот на учесниците и научните друштва.
„Трошоците за котизација, патување и подготовки ги сносат делумно учениците и највеќе друштвата (СХТМ, ДФРМ, МБД…) кои имаат акредитација да организираат натпревари и да одберат тим за соодветна олимпијада преку натпреварите кои ги организираат. Всушност, ние учествуваме под нивно менторство на интернационалните натпревари. Финансирањето на тимовите кои учествуваат на научни олимпијади кај нас не е регулирано и овие друштва имаат потешкотии со наоѓање парични средства со што учеството на натпреварите е проблематизирано.“, вели Иван.
Како поддршка од државата, досега тој само ги користи стипендиите за талентирани ученици преку МОН, кои се ограничени во однос на она што му е потребно за да учествува на бројните интернационални натпревари.
За талентираните ученици како Иван, ограничување е и недоволната опрема во средните училишта што претставува пречка при подготовките за ваквите натпревари.
„Би сакал средношколците да имаат можност за сопствена научно-истражувачка работа и пристап до лаборатории за практична работа. Сметам дека секој средношколец кој има интерес во одредена област во училиштето треба да му биде овозможено максимално да се надоградува со напредни знаење од таа област со цел да се усоврши и да биде искористен неговиот потенцијал.“, вели Иван.
Во иднина тој се гледа како дел од тим кој работи на значајни научно-истражувачки проекти.