ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.01.2023
Средношколец од Штип организира трка со цел да ги поттикне младите на спорт

Александар Арсов  од Штип е 4 година ученик во ДСУ „Спортска академија“ и викендов тој организираше трка со цел да го подигне спортскиот дух на градот. Трката се одржа на патеката долга 6 км покрај река Брегалница, а во неа учествуваа околу 80 тркачи.

Александар вели дека ова не било класична трка и многу од присутните пешачеле, но неговиот мотив бил да ги раздвижи младите луѓе и да им даде шанса за спортување барем еднаш во неделата или месецот. Иако Александар учествувал во многу организирани трки низ државата, сепак се разочарал од малиот број на присутни млади, па затоа главниот двигател за неговата идеја било вклучувањето на сѐ повеќе млади во спортските активности.

Александар заедно со дел од учесниците на патеката во Штип

“Мотивот и идејата за целата оваа организација се појавија како резултат на посетувањето на многубројните трки низ цела Македонија и разочарувањето од малиот број на млади луѓе и деца. Карактерот на настанот не беше натпреварувачки со што и не се декларира како трка, туку обична прошетка, џогирање и според ова настанот течеше во позитивна насока со одлична атмосфера.“, вели Александар.

За организацијата на трката ги користел социјалните мрежи и пријателите

Преку профилот на Инстаграм greenfrog_jogging, тој ги повикал сите млади да се приклучат на трката, а вели дека и неговата сестра му помогнала во вклучувањето  на поголем број млади лица.

“Задоволството е мал збор за сите емоции и благодарноста за сите присутни на настанот, а мојата порака најпрво до младите е колку повеќе можат да се посветат на физичката активност без разлика од кој тип е истата.“, вели Александар.

Александар Арсов

„Ја поздравувам идејата и сметам дека вакво нешто им беше потребно на младите. Во Штип не често се организираат вакви настани, па мотивот за дружба преку спорт и рекреација ме поттикна за да се приклучам на иницијативата. Изненаден сум од големиот број на присутни. Ми се допадна тоа што немаше натпреварувачки карактер туку организацијата беше чисто насочена кон раздвижување и забава. Очекувам и во иднина да се организираат вакви настани и секако би им  се придружил.“, вели еден од присутните.

Во иднина ќе има повеќе вакви настани

„Поради големата посетеност и позитивните коментари за време на настанот и по истиот, но и заинтересираноста на младите после објавувањето на сите слики и видеа, во план е организирање на истиот настан токму оваа пролет, со поголема организација и ресурси.“, вели Александар и ги повикува сите млади кои сега не беа во можност , да се приклучат во трката на пролет.

Предизвиците на боречките вештини преку призмата на поранешниот државен првак
Во Виница свечен пречек за бронзениот кик-боксер Лука Змејковски