ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
02.10.2021
Стаменов: Се почна кога дојде самохрана мајка на три деца и ми побара компјутер

Чувството да се израдува некого е нешто што не се опишува со зборови. Посебно, кога некој ќе успее да израдува 1090 пати, тогаш не можам ни да замислам за какво задоволство станува збор. Еден таков човек, постои во Македонија. И една таква идеја постои во Македонија. Не станува збор за Супермен, туку за Борче Стаменов од Кавадарци и акцијата Донирај Компјутер.

Овој човек, кој секојдневно црта насмевка на многу дечиња, е нашиот гостин денес и ќе ни раскаже повеќе за него и за идејата Донирај Компјутер.

Пораки на благодарност кои Борче ги добива често од дечињата

Како почна Донирај Компјутер?

По тешката борба со туморот, Борче ја започнал својата работа како графичар, а подоцна и како сервис за компјутери, што денес му е и професија, а исто така се надоградува и во полето на програмирањето.

Идејата да се најде начин за помош отсекогаш тлеела во мене. И се започна во 2016 година, кога ми дојде оваа идеја во главата која не ја сметав за ништо посебно, ама ете… Излезе дека сепак била нешто посебно. Во компанијата каде што работам од самиот почеток на мојот работен однос, клиентите често оставаа компјутери и ИТ опрема која не им беше потребна и на почетокот ја користевме за вежбање и учење. Се сеќавам дека идејата „кликна“ кога една самохрана мајка дојде и ми побара компјутер за нејзините три дечиња. Средивме еден, ставивме и некоја играчка и им го однесовме. Среќата во очињата на децата беше она што и ден – денес не’ води напред и не ни дава да престанеме со донациите. „Донирај Компјутер“ стана поим за човечност и емпатија. За среќа, имаме голем број соработници и донатори кои ни помагаат да усреќиме што повеќе лица, вели Стаменов.

Борче секогаш се грижи компјутерите да завршат на вистинското место, па затоа постојат и одредени услови кои треба да се исполнат доколку некој сака да добие компјутер, односно да достави доказ дека семејството е од социјално загрозен карактер. Токму од таа причина, „Донирај Компјутер“ ужива огромна доверба кај сите.


Студентка поради финансиски причини не е во можност да го продолжи студирањето – бара помош


Борче Стаменов

Од каде толку многу компјутери?

Донациите од стари компјутери пристигаат од цела Македонија и секој може да биде дел од ова огромно семејство, дури и со донирање на глувче од компјутер.

Рекордот се’ уште го држи канцеларијата од Европска Унија од каде што ни пристигнаа 140 – 150 парчиња опрема, вели Борче.

Боче пред да ги донира компјутерите ги средува, ги поправа и ги дава во најдобра можна состојба.

Времето на поправка или средување на една машина зависи од тоа во каква состојба сме ја добиле. Не ни одзема повеќе од еден час. Некои компјутери се и целосно средени и треба само да ги провериме неколкупати и да ги пратиме кај семејствата. Компјутерот е целосно среден и спремен за работа, на оној кој го добива. Секако дека има и делови кои не се употребливи и мора да се отстранат, па тука, соработуваме со компанија за отпад која го преземаат и го уништуваат на прописен начин, па слободно можам да кажам дека сме и зелена иницијативна работа и работиме на заштита на животната средина.

Донирај Компјутер е институција!

„Донирај Компјутер“ зад себе има многу признанија и сите заедно се еден голем двигател за поголеми успеси. Најголема мотивација се детските очиња кои не можат да ја сокријат радоста кога чичко Борче ќе им однесе компјутер.

Искрено, знаејќи каде живеам, не очекував дека ќе има толку голем одзив. Но, сепак излезе дека во Македонија има многу добри луѓе. Идејата прерасна во едно хуманитарно движење иако на почетокот имаше многу луѓе кои негативно гледаа на истата, но со тек на времето им покажавме дека не започнуваме ништо за наш личен интерес, бидејќи оваа иницијатива не направи никаков трошок во нашето општество, а придонесе многу.

„Донирај Компјутер“ работи на принцип што секогаш ја гледа сегашноста и успева да ја исполни со позитива. До сега, Борче има добиено многу благодарници од дечиња на кои им подарил среќа и вели дека често ги гледа и зборува: Ете, јас сум одговорен за нечија среќа, а не го ни познавам.

Приказната на „Донирај Компјутер“ ќе продолжи и во иднина, со многу нови успеси и насмеани лица. Секој може да биде дел од оваа приказна и да донира. На официјалната страна на „Донирај Компјутер“ може да се најдат сите потребни информации како да се донира.

Ќе има ли конечно учебници за странски јазици?
Филозофија и логика не се исклучени од концептот