ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
28.02.2025
Статусен симбол: Вистинска вредност или само слика за другите?

Здраво, јас сум Даница и ова е мојот став:

Во свет каде што првиот впечаток често вреди повеќе од суштината, статусниот симбол станува валута на престижот. Тој е невидлива карта за припаѓање, знак на успех во очите на другите, но дали навистина значи нешто или е само привид што се менува со модата и времето?


Преслушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Пред неколку децении, статусот се мерел со титули и потекло. Доколку си бил потомок на угледно семејство, веќе си го имал местото во општеството.
Денес, сликата е поинаква – автомобилите со ограничена серија, рачните часовници со беспрекорна механика и патувањата на егзотични дестинации, го заменуваат благородничкиот грб. Но, суштината останува иста: желбата за препознавање, за одобрување, за чувство дека сме „над“ другите.

Сепак, статусниот симбол не е универзален. За некои, тоа е носење брендирана облека, за други – диплома од престижен Универзитет.
Некои ќе го мерат статусот според големината на домот, а други според бројот на книги на полицата. Интересно е што дури и минимализмот, кој на номинален начин се спротивставува на материјализмот, станува статусен симбол – „Јас имам толку многу што можам да си дозволам да немам ништо“.

Но, вреди да се запрашаме: кога ќе исчезнат брендовите, титулите и луксузните предмети, што останува? Дали статусниот симбол е само краткотраен билет до моментална почит или е одраз на длабоки, вистински вредности? Во време кога фасадите можат лесно да се изградат на социјалните мрежи, можеби најголемиот статусен симбол е токму она што не може да се купи – знаењето, чесноста, карактерот.

Затоа, пред да се восхитуваме на нечие богатство или моќ, можеби треба да се запрашаме: дали тоа што го гледаме е привид или вистинска вредност?
Бидејќи статусот што се базира на површни знаци е како замок од песок – убав, но нестабилен.

(Аудио) “Мамо…картата е купена”
(Аудио) Осми март – Нежност, сила и неизговорени приказни