Стефан Коцев важи за еден од најдобрите студенти кој дипломирал на Факултетот за Медицински (ФМН) науки при Универзитет „Гоце Делчев“- Штип откако на државниот испит во 2016 г. бил единствен кој освоил максимални 100 поени.
Стефан во 2019 г. се стекнал и со наградата “Д-р Марија и Емилија Кукубајски” за најдобар студент. Оттогаш неговата кариера бележи подем, и денес тој е доктор по општа медицина во Клиничка болница – Штип и асистент на повеќе предмети на ФМН при УГД.
Коцев воедно е и ко-автор на повеќе научни дела како “Биотероризам и биолошки војни” со Проф. Д-р Вело Марковски и “Практикум по Физиологија 1” со Проф. Д-р Зоран Ханџиски и Проф. Д-р Ели Ханџиска и е еден од основачите на студентската организација СОМА.
За ваквите достигнувања, Коцев вели дека волјата не е неговиот двигател, туку постојаната верба во себе и им порачува на студентите да веруваат во себе бидејќи тоа е суштинскиот водич. Покрај вербата , дисциплината е она што ќе ги поведе на патот кон успехот.
„Многу често студентите се соочуваат со проблеми во однос на стратегијата за учење. Затоа често некој ќе каже “јас не знам да направам стратегија за тоа како да учам”. Мојот совет е фокусот да ви биде на тоа да го усвојувате применливото или употребливото знаење. А кое е применливото или употребливото знаење може да ви каже само некој што применува знаење од дадената област или предмет што го изучувате. Затоа без страв и срам треба да се поставуваат многу прашања со кои ќе го идентификувате применливото знаење од дадената област. Мојот став е дека за било што во животот да научите морате да имате добар ментор, односно човек кој се наоѓа таму кадешто вие сакате да стигнете, најмногу поради тоа што ќе заштедите многу време без да лутате за да дојдете до вистинскиот правец.“, вели Коцев.
За да бидат успешни во одредена област, потребно е студентите да развијат победнички менталитет. Победнички менталитет не подразбира постојано победување, туку напротив прифаќање на поразите и продолжување напред. Како студент кој посетувал пракса во Бугарија преку Еразмус програмата и практична настава во Русија, Коцев охрабрува максимално искористување на можностите кои ги нуди Универзитетот и аплицирање за оваа програма.
„За да бидат меѓу најдобрите има една многу едноставна формула. Тоа е да не остават да помине ден од почетокот до крајот на семестарот, а да не прочитаат нешто, некогаш повеќе, некогаш помалку. Можеби звучи тешко изводливо, но само така ќе се одржи континуитет и дисциплина. Сето тоа во симбиоза со следење на предавањата, активно вклучување во вежбите и користење на добри извори од интернет (JAMA, The BMJ, The Lancet и др.), нема како да не даде добар резултат. “, вели Коцев.
Иако Медицината како професија во поголем дел од времето знае да биде стресна, сепак не мора да значи дека секогаш треба да се препуштиме на стресот и комплетно да го жртвуваме социјалниот живот. Коцев препорачува пронаоѓање на хоби кои ќе биде од интерес за студентите и ќе го намали менталниот замор. За него такво хоби е играњето тенис и воведувањето на спортот во неговата секојдневна рутина.
Како еден од најстресните моменти студентите го опишуваат паѓањето на одреден испит, но Коцев мотивира и смета дека секој студент треба да прифати на сосема нормален начин дека неуспех на испит е дел од процесот и само чекор до посериозно знаење во следниот обид.