Во Македонија постојат најразлични професии, а како и во целиот свет, неретко се делат на машки и женски. Поделбата и стереотипите ги нарушуваат поедини примери, а еден многу карактеристичен пример во ваква насока ни доаѓа од Стефанија Димеска, девојка – пилот! Стефанија е дипломиран Машински инженер по Мехатроника и пилот на нашите простори. Денеска ја имаме како наша гостинка која ќе ни каже повеќе за себе и за тоа како е да се биде пилот.
Одлуката дека сакаш да бидеш пилот…
…ми беше едноставна, дека кога ќе пораснам сакам да летам авиони. Но тоа не беше од првиот мој лет, туку од влијанието на мојот татко, поради кој и јас го сакам ова што го правам. Желбата и љубовта кон летањето ми е од него. Иако бев доста мала кога прв пат се возев, практично и не се сеќавам премногу на тој лет, но се сеќавам како јас се чувствував тогаш. Tоа чувство е она што се трудам да го задржам и возобновам секој ден.
За да се биде пилот треба да се знае…
…Многу! Исто кога се запишуваме на факултет, првите две години учиме поопшти работи, но сепак поврзани за тематиката кон која целиме, а потоа почнуваме со постручните нешта. Така и тука, за да бидеме пилоти мора најпрво да го сакаме воздухопловството, авијацијата и летањето. Потоа навлегуваме постепено во таа наука и чекор по чекор одиме кон целта.
Летањето е проста работа, но науката позади тоа е она што всушност ние го учиме и сме во тек како се се развива. Треба да се знае да се процени времето, значи метеорологија е една од најважните работи, да се знае како функционира авионот, да се процени доколку се случи некаква грешка или се сомневаме на некаква опасност, да се знае како да се спасиме во дадена ситуација односно како да изреагираме. Да знаеме да ги читаме инструментите и да ги процениме нивните грешки и.т.н. За да може човек цело ова да го научи и разбере, треба навистина да е вљубеник во летањето, да успева да има постојана мотивација низ цел процес, а верувајте не е едноставно.
Кога прв пат управуваше со летот…
…имав трема, бев под влијание на големо количество на адреналин, дали доволно знам, дали ќе направам се како треба, едноставно позитивен страв. Кога летав сама тогаш сфатив колку работи всушност уште треба да научам за да се надоградам, бидејќи многу е различно кога има инструктор до мене и кога треба да летам сама. После секој самостоен лет се здобивам со се повеќе самодоверба дека навистина го правам тоа што сакам. И нормално, бидејќи сеуште се обучувам секој лет ми е надоградување на моето знаење.
Стравот од летање кај луѓето…
…е индивидуален. Доколку се работи за фобија од летање, тогаш е потребна стручна помош. Доколку се работи само за моментален страв, додека не се проба не може да се знае дали е навистина страв или само голема возбуда. Можеби за тоа влијае недоволната информираност и пренатрупаноста со вести од типот на авионски несреќи без конкретни податоци, затоа што статистички гледано авионските несреќи се едни од најретките несреќи во сообраќајот. Па според тоа авионскиот сообраќај е најбезбеден.
На младите би им препорачала…
…доколку сакаат да ги остварат своите желби и соништа да го направат тоа. Никогаш не е доцна да го правиме она што сакаме. Ќе има подеми и падови, но со многу труд и мотивација може да се успее. Ако не пробаме сега, кога би?
Во иднина се гледаш…
…вработена во компанија, работам на себе да бидам поуспешна и подобра. Да стигнам до капетанско место и да можам да бидам пример дека ако се сака може да се успее. Да се направам најпрво себеси горда на постигнатиот успех, а потоа и моите најблиски.
На Стефанија од пред 10 години би и кажала…
…секогаш да го следи својот инстинкт и својата интуиција, бидејќи тоа е најточно. Да биде поодлучна и повеќе да се бори за својот став.
Стефанија е пример кој ни кажува дека соништата од малечки може да ги направиме реалност. Во нејзината професија има помалку жени, ама тоа е доказ дека е време да си срушиме стереотипите за машки и женски професии и да го правиме тоа што не прави среќни.