ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.10.2021
Стојановска: Недостасува искусен и едуциран кадар за работа со деца со АДХД

За дијагностиката и симптомите на АДХД како и неговата дефиниција веќе зборувавме со Проф.Чучкова (https://goce.mk/shto-pretstavuva-adhd-i-kako-da-go-prepoznaeme-ka%d1%98-deczata/ ), но за местото во општеството и што можеме да направиме за овие деца дискутиравме со Разговор.мк. Психологот Билјана Стојановска ни кажа нешто повеќе за условите кои ги нуди нашата земја за да им обезбеди поддршка и место во заедницата на дијагностицираните со АДХД.  Стојановска смета дека овде нема доволно услови за третман на овие лица и дека треба да се вложи повеќе во искусен и едуциран кадар за работа.

Фото: razgovor.mk

“Соработка помеѓу стручниот тим во училиштето (педагог, психолог, дефектолог-кој и го нема во секое училиште) е најважна. Подготовка на индивидуален план за работа со ученикот и целосно спроведување на тој план.  Познато е дека активностите кај хиперактивно дете треба да се менуваат максимално на секои 20 минути, тоа е информација корисна и за родителите и за наставниците. Возрасните се тие кои се одговорни да обезбедат услови за откривање и развивање на тие капацитети. АДХД не е поврзано со општите интелектуални капацитети, т.е. истите се движат подеднакво по застапеност од потпросечни до натпросечни и кај децата со наведениот проблем и кај децата без истиот. Само децата со АДХД во средина без обезбедени услови согласно нивните потреби, се доведени во ситуација да не ги искористат своите капацитети. Диференцијалната дијагностика и детална анамнеза се неопходни.”, вели Стојановска.

Добро е кај овие деца да се применува и системот на “награда и казна”, односно, наградата како позитивен поткрепувач се применува кога детето ќе постигне успех на дел од зададена задача.

“Училишна лекција може да се учи и во движење и креативно со користење на визуелни содржини, интересни споредувања или објаснувања, за да полесно се задржи во меморијата на детето и полесно да се асоцира извлекување од истата по потреба кога е потребно да се сети и да раскаже. Значи-интерактивно учење. На паузите може детето да прави некоја активност која е интересна за него и која вклучува движење. Корисно е и вклучување во повеќе спортски активности, со претходна консултација и информирање на тренерите дека детето можеби ќе има потреба од подолга адаптација на спортската дисциплина.”, дополни Стојановска.

Секако, најголемата помош која можеме да ја дадеме е валидацијата дека детето се чувствува сакано и прифатено од средината. Според Стојановска, интегративниот развој е меѓу најзначајните.

“Кога мене ми се обраќа родител со зборовите: ’Моето дете има АДХД или аутизам’ јас прво прашувам: ’А што друго има вашето дете?’ Гледањето на работите низ призма на стигматизирање или фокус на проблем, не е вистинскиот избор за напредок. Потребен е холистички пристап и фокус на капацитетите, преку кои ќе се подобри квалитетот на животот на детето.”

Фото: thedyslexicbook.com

Во однос на системот, неколку мали промени ќе имаат значаен импакт врз подобрување на квалитетот на живот на овие деца.

“Поголемо вклучување на специјалните едукатори и дефектолози во државните институции, за родителите да не се принудени да плаќаат приватни индивидуални консултации и третмани. Обуки на наставниците, стручните тимови во училиштата и психолозите за работа со децата со АДХД, јакнење на компетенциите и секако поддршка на родителите во секој аспект кој им е потребен-психолошки, финансиски итн. И…план за зголемување на свесноста и информираноста кај сите, со крајна цел: зголемување на социјалната и општествената поддршка и прифаќање“.

Проблемот постои, но експертите се согласни дека е потребно поголемо внимание за да може да биде надминат.

Формирано Студентско Здружение за Молекуларна Медицина во Штип – имаат отворен повик за нови членови
Дуалното образование привлекува сè повеќе компании и ученици