ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
14.08.2023
Студент на УГД креира платформа за информирање за Еразмус+

Јован Спасовски е студент на петта година на Факултетот за Медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип и неговото Еразмус + искуство го инспирирало да создаде инстаграм профил каде ќе ги информира и останатите студенти за Еразмус+.

Идејата зад профилот erasmus_ugd_shtip  е да создаде платформа и заедница за студенти кои учествувале и ќе учествуваат во Еразмус+ програмата во рамки на УГД, како и за тие кои сакаат да дознаат повеќе за можностите и искуствата што ги нуди Универзитетот.

„Студентите имаат широк спектар на можности за интернационално искуство и личен развој. Програмата овозможува студентски мобилности (студии/пракса) во земји-членки на Европската Унија. Ова не само што ги збогатува со нови знаења, туку и им дава шанса да искусат различни културни и професионални вештини и да изградат меѓународни мрежи на контакти. Исто така, студентите имаат можност за финансиска поддршка која е наменета за патување и живеење во странство, што го прави ова искуство подостапно и стимулирачко за учество. Со оваа можност, студентите на УГД имаат шанса да ја зголемат својата академска, професионална и културна перспектива, отворајќи нови можности кон светот.“, вели Јован.

Идејата потекнала од неговото искуство во Полска

Преку Еразмус+ програмата , Јован имаше можност да помине еден семестар и да следи настава во Познан, Полска. За неговото искуство вели дека начинот на живеење и учење во странство му ги проширило хоризонтите.

„Запознав луѓе од секаде по светот, со различни култури и перцепции, што го збогати моето разбирање за глобалната медицинска сцена и ја подобри мојата способност да работам во разнообразни тимови. Не Ви откривам премногу, туку Ве поканувам да ја посетите нашата Инстаграм страна “erasmus_ugd_shtip“. Таму ќе прочитате разни искуства од студенти кои до сега учествувале во Еразмус+ програмата. Тие ќе ве запознаат со разновидноста на искуствата, предизвиците, внатрешните промени и неверојатните истории што им го пружи оваа можност“, вели Јован.

Во иднина , замислата е Еразмус УГД Штип да премине во ЕSN Shtip

Erasmus Student Network или ESN е организација формиранa во 1989 година и од тогаш е проширена  во повеќе од 1000 универзитети во повеќе од 40 земји. По едногодишна реализација на активности „Еразмус УГД Штип“ ќе премине во ЕSN Shtip, непрофитна студентска организација која има за цел да го подобри студентскиот живот на меѓународните студенти и истата ќе биде во рамките на Еразмус+ програмата при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, наведе Јован.

Дали ги знаете предностите на програмата за размена Еразмус+?

„Во оваа конотација, имаме долгорочни и краткорочни планови кои би сакале да ги реализираме. Сметаме дека нашите иницијативи и активности се во согласност со мисијата и целите на Универзитетот и дека со вклученоста на студентите можеме да го подобриме универзитетскиот општествен живот во Штип и да го прошириме влијанието на нашиот Универзитет во локалната заедница и надвор од неа“, вели Јован.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?