
Локалитетот Барутница кај селото Амзабегово во близина на Св. Николе, летово беше центар на интензивни археолошки истражувања. Преку меѓународната летна археолошка школа Birth of Europe 2026, локалитетот обедини научници, млади истражувачи и студенти од четири различни држави.
Проектот се реализира во раководство на доц. д-р Дарко Стојановски, во соработка меѓу ОУ Народен музеј Свети Николе, Австрискиот археолошки институт при Австриската академија на науки, Фондацијата „Балканско наследство“ и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Фото: Niki Gail, Judith Wurzer/ÖAI Професорот Дарко Стојановски со екипата студенти и истражувачи
Во текот на јули 2026 година, стручна екипа од 13 специјалисти, 7 студенти од странство и жители од локалното население работеа на површина од 130 квадратни метри во јужниот сектор на населбата. Посебен акцент беше ставен на практичната обука на младите и нивното директно учество во научните процеси.
„Барутница е огромна неолитска населба од над 20 хектари која опстанала повеќе од еден милениум – од пред 8.300 до пред 7.000 години. За младите студенти, можноста да копаат на локалитет кој ги поставил темелите на балканската праисторија е непроценливо искуство“, истакнуваат од истражувачкиот тим.
Од римска печка за керамика до праисториски ДНК анализи
Овогодишната кампања донесе значајни резултати во два историски слоја:
Доцноримска фаза (Villa Rustica): Откриен е воден канал, јама за складирање и исклучително добро зачувана печка за керамика. Поради нејзината реткост и зачуваност, планирана е нејзина конзервација и понатамошно проучување.
Финална неолитска фаза: Истражени се 21 јама со материјал кој дава нови сознанија за периодот кога населбата почнала да го губи својот интезитет – фаза која досега беше најмалку позната за науката.

Фото: Niki Gail, Judith Wurzer/ÖAI Амзабегово, јужен сектор 2026
Меѓу најзначајните откритија се човечки остатоци од неолитски погребувања, кои ќе бидат подложени на лабораториски и ДНК анализи за утврдување на староста, полот, здравјето, но и генетските врски и миграциите на населението во праисторијата. Дополнително, пронајден е и редок сад изработен од камен – артефакт кој е исклучително редок за Балканот и кој директно асоцира на трговски и културни врски со Блискиот Исток.
Истражувањата на Барутница продолжуваат и во следните кампањи, каде што младите истражувачи ќе имаат можност да загребат во уште постарите, подлабоки слоеви на оваа древна населба.