Седуммина студенти втора година на Факултетот за Медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип организираат хуманитарна акција за да им се помогне на оштетените по земјотресот во Турција.
Младата група активисти составени од Антонио Денковски, Стефан Илиоски ,Никола Бакулевски,Џеладин Шериф,Зејнеп Мисра,Рохат Орак и Меџмет Али Ариф Бикмаз, денес на 10.2.2023г.на плоштад „Слобода“ во Штип ја организираат акцијата која почна во 10 часот, а ќе трае до 19:00 и ги повикуваат граѓаните да бидат хумани. Според информациите, најмногу продукти кои се потребни за донација се пелени, конзервирана храна, бебешка храна, ќебиња, греалици, а исто така може да се донираат и парични средства.
„ До идејата за ваква организација појдов со тоа што првично сум студент на Медицина, па самата професија пред сѐ е хумана, а јас се чувствувам добро кога знам дека со ваква иницијатива можам да им помогнам на многу луѓе. Организацијата ја започнав преку разговор со двајца колеги кои потекнуваат од Турција и знаејќи дека немаме многу време побаравме помош и од други колеги , па така успеавме оваа акција да ја организираме за еден ден“, вели Антонио Денковски.
„Поголем процент од луѓето донираат ќебиња, грејни тела, хигиенски средства, конзервирана исхрана, а пак помладите повеќе донираат финансиски средства. Сакам да напоменам дека имаме поголема потреба од донации на конзервирана храна, бебешка храна, средства за бебиња како пелени, пудри, креми, марамици и слично. Исто така можам да нагласам дека паричните средства ќе ги искористиме во купување на работи кои се најпотребни и најмногу барани од граѓаните во Турција. За секоја донација водиме евиденција и тие уредно ќе бидат испратени до Скопје, а потоа и до Турција со превоз организиран од турските студенти.“, вели Антонио.
Групата хуманитарци, сметаат дека со ова ќе ја вратат вербата во хуманоста и ќе им помогнат на оние што најмногу им е потребно. Тие се заблагодаруваат на граѓаните кои до сега донирале и ги повикуваат останатите да ја искористат својата шанса до 19:00 часот и да ја покажат нивната хуманост.