
Во периодот на 23 до 27 март на Медицинскиот Факултет во Гданск, Полска се одржа школа за претприемништво. Во рамки на Европската Алијанса која брои девет универзитети-членки, учество зедоа и студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Студентите имаа можност во реално време да работат и да креираат иновативни медицински решенија користејќи познавања од претприемништвото и медицината. Предуслов за учество на оваа програма беше студентите да се пријаваат со своја идеја, апликација или уред кои би биле потенцијална алатка во напредокот на медицината.

Дополнително, главната цел на настанот била и симулација на хакатон во времетраење од 24 до 48 часа, каде што студентите во групи работеле на креирање на иновативна идеја која ја презентирале пред стручна комисија.
„Хакатонот беше фокусиран на два главни предизвици. Првиот предизвик беше насочен кон создавање на производи за кризни состојби, како што се војна, невреме, цунами или земјотрес. Вториот предизвик беше развој на решение кое ќе помогне во подобрување на состојбата и квалитетот на живот на пациентите со канцер. Јас, заедно со мојата група составена од уште тројца студенти, работевме на развој на иновативен производ наменет за примена во кризни ситуации, со цел олеснување на условите во средини со зголемени предизвици и ограничени ресурси.“, вели Елена Рибарска, студентка на Факултетот за медицински науки при УГД Штип.

Покрај работата на иновативни решенија, студентите биле дел и од едукативни обуки, но и посета на болници и клинички центри. Тие имале можност за размена на идеи и искуства помеѓу студенти од различни држави во склоп на Алијансата и различни студиски програми.
„Сфатив дека во денешно време, особено со развојот на технологијата и новите трендови, студентите по медицина не треба да се фокусираат само на теоретското знаење, туку и на иновации, креативност и интердисциплинарен пристап.Дополнително, научив многу за процесот на создавање стартап. Разбрав дека не е доволно само да се има добра идеја, туку потребно е континуирано да се работи на нејзин развој, да се комуницира со други луѓе, да се добиваат повратни информации, да се создаде прототип и постепено да се реализира проектот. Тоа е процес кој бара време, посветеност и постојано учење.“, вели Елена.

За време на престојот, акцент се ставало на спојот меѓу медицината и дигиталните решенија, како поле за идни напредоци и иновации.
„Ги охрабрувам сите студенти да се пријават на некој од проектите во рамки на Алијансата бидејќи тоа претставува навистина прекрасно и вредно искуство. Овие искуства нудат одлична можност да се запознаат студенти од различни земји, да се разменуваат мислења и да се создаваат нови пријателства. Сметам дека ваквите искуства имаат големо значење за личниот и професионалниот развој и топло им ги препорачувам на сите студенти кои сакаат да научат нешто повеќе, да излезат од својата комфор зона и да стекнат нови знаења и контакти.“, вели Елена.