
Неколку години наназад кај студентите особено е популарна “Work and travel” програмата, а ние ви пренесуваме искуство од дел од нив. Оваа програма им нуди на студентите можност за работа во странство во текот на летниот период, а најчесто одбирана дестинација е Германија. Работните позиции најчесто се во “Burger king” или “McDonald’s”
“Одбрав да работам во McDonald’s во гратчето Zimmern ob Rotweil, и можам да кажам дека ми е преубаво. Најдов агенција преку социјалните мрежи и преку истата најдов работа и сместување. Со оваа прилика, како студент имам можност и да прошетам надвор од сопствената држава, да запознаам нови пријатели, да стекнам ново животно искуство и да заработам пари. Еден мој работен ден трае околу осум часа кои поминуваат пребрзо.“, вели Стивен Момчилов, втора година студент при УГД-Штип.

Стивен Момчилов
“Работам во “Burger king” во градот Готинген. Сместувањето и работата ги најдов преку другар кој ми помогна да се снајдам во Германија. Иако работам по осум часа дневно, сепак предност е што имаме еден или два дена слободни во неделата во зависност од распоредот. На тој начин, имаме време и да прошетаме и да ги видиме убавините на градот, но и да заработиме солидна сума на пари.“, вели студент кој инсистираше да остане анонимен.
Работничките и правата на студентите се почитуваат во целост
“Благодарен сум што како странски студент ми дозволија да работам, и да бидам дел од тимот на “McDonald’s“. Овде студентските права можам слободно да кажам дека се задржани. Споредено со нашата држава сметам дека сме оштетени во ова поле бидејќи на повеќето места и работни позициии не те примаат на работа бидејќи си студент, но во Германија тоа не е така . Овде студентите се ослободени од данок и тие пари што им се скратуваат на крај им се враќат. Германија нуди преубави можности, но треба да имаш мотивација и работна навика доколку би сакале да бидете дел од програмата“, вели Стивен.
Студентката Вања Јанева, која работи во “McDonald’s” во градот Mṻllhem an der Ruhr вели дека најголемиот предизвик е тоа што доаѓаш на непознато место и е потребно одреден период за да се навикнеш да живееш во поголем град.
“Нормално дека малку ми е тешко. Дојдов да работам во поголем и непознат град. Сѐ уште не сум имала прилика да се запознаам со повеќе луѓе. Поголем дел од времето ми поминува на работа, но сепак имам време и да прошетам низ градот, а понекогаш и да отидам и до околните градови. Би го препорачала ова искуство на секој кој е спремен да направи ваков чекор“, вели Вања.

Вања Јанева