ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
14.02.2023
Студентите да се хранат и во најевитното бифе – она на Владата, 120-те денари од субвенциониран оброк нема да бидат доволни
Автор: Goce Author

Инфлацијата и покачените цени им ги испразнија сметките и на онака малите приходи на студентите. Студентите во Македонија месечно земаат 2 400 денари за студентски оброк, каде е предвидено дека 120 денари се доволни за еден оброк во еден ден. Владата ги смета само работните денови, а еден здрав оброк, според нив, чини 120 денари. Но покачените цени драстично ја менуваат оваа ситуација.

Photo by Anis Azhar on Unsplash

Автори на текстот: Ирена Жежова и Дорина Стефановска

Бифето во Владата често во јавноста се перципира како исклучително евтино и со драстично пониски цени од другите ресторани и бифеа во државата. Дури и таму еден оброк чини околу 370 денари.

Менито од бифето во Владата на РСМ

Студентите сметаат дека со 2400 денари би се прехраниле доколку месечно, секој ден би јаделе една обична кифла и јогурт, бидејќи со инфлацијата, сега и цената на кифлите односно белите печива во просек  се движат околу 50-70 денари. 

„Не верувам дека на некого му стига студентскиот оброк. Со покачените цени и инфлацијата, 2400 денари се премалку за да си дозволиме здрав оброк секој ден во месецот. Сметам дека тие пари можеби би биле доволни доколку секој ден би јаделе обична кифла. За среќа, живеам сѐ уште со родителите па повеќето од оброците ги јадам дома, но многумина од моите колеги кои не живеат во Битола и се на товар на своите родители кои им праќаат дополнително пари за да имаат што е можно повеќе нормални и здрави оброци.“, вели студент на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Многумина од студентите живеат и во изнајмени станови, па покрај киријата и сметките, треба да издвојат од приходите и за храна. За да не бидат товар, студентите имаат опција да работат на половина работно време, но оваа опција не е честа пракса кај македонските работодавци.

Оние кои не живеат во студентски домови за храна трошат 4000 денари месечно

„Живеам во изнајмен стан и сметките за храна сам ги подмирувам. Во месецот во просек трошам околу 4000 денари за храна , што е дупло повеќе од студентскиот оброк. Тоа е така бидејќи цените се многу покачени, а се обидувам да се хранам колку е можно поздраво и да вклучам овошје и зеленчук во мојата исхрана. Не сметам дека се луксузирам во поглед на изборот на оброците и се трудам 99% од времето да си ја приготвувам сам храната, но дури и тоа бара дополнителни финансии независно дали ќе одвојам од стипендијата или ќе побарам од дома.“, вели Томислав Боровичанин, студент на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

Томислав Боровичанин

Студентите сметаат дека здрав и целосен оброк чини околу 200 денари

„Сметам дека субвенционираниот студентски оброк кој што ни е овозможен од Министерството за образование и наука ни е доволен само за половина месец. Како студент за еден дневен оброк ми се потребни најмалку 200 денари. Би сакал да го изјавам својот револт за незаинтересираност од страна на државата кон нас студентите. Свесни сме дека живееме во мала и сиромашна држава каде просечните примања на нашите родители за еден месец  се околу 40 000 денари, па затоа сум принуден да работам во локална продавница и да го менаџирам времето кое ми останува за учење.“, вели Александар Стојменовски , студент на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

Александар Стојменовски

Во студентските домови е поевтино, но нема место за сите, а и условите и храната се лоши

Опцијата за престој во државните студентски домови, се чини дека е поевтина. Студентите кои престојуваат во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје ,се хранат поевтино и плаќаат околу 3600 денари за престој , оброк , вода и греење.

Според тврдењата на студентите кои престојуваат таму, просечен нивен појадок се состои од парче леб со кашкавал и салама, кифла со виршла, две парчиња леб со сирење, кроасана, чорба… И покрај трите оброци кои ги добиваат, сепак студентите доплаќаат за ужинки и пијалаци. Иако варијантата да се живее во студентски дом е поевтина, капацитетот на студентските домови не е доволен за сите студенти, па поголемиот дел од нив се приморани да издвојат многу поголем дел од нивниот буџет.

За разлика од државните, студентите сместени во приватните студентски домови, трошат приближно исто како и оние во изнајмени станови. Според податоците од студентите кои престојуваат во приватниот студентски дом “Логос“ во Штип, цените за престој и храна се движат од 8000 до 10000 денари, но се ограничени на само два оброци во денот, па така поголем дел од субвенционираниот оброк и стипендијата ги трошат на храна.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?