ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.03.2024
Студентите формираа Национално студентско тело

Форумот за образовни промени (FECH) изминатиот викенд на 8 и 9 март организираше прв конститутивен состанок за формирање на Националното студентско тело.

Идејата и подготовките за ваквото тело потекнуваат од 2022 година, при што целта е обединување на сите студентски собранија на државните и приватните универзитети. На настанот, учествуваа претседателите или претставник од Универзитетските студентски собранија на ниво на цела држава.

„Потребата за ваква автономна невладина организација е да можат студентите во рамките на цела држава да се обединат за решавање на секојдневни студентски проблеми, подобрување на студентскиот стандард и слично, Форумот за образовни промени нема да е член на ова тело, но ни стои на располагање за било какви студентски потреби, бидејќи целта за подобри академски услови ни е заедничко.“, вели Шевал Зиза, студент на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип , а воедно и претставник на УГД на овој настан.

На студентите им треба намалување на финансискиот товар

Националното студентско тело  има за цел барање на поголеми права на студентите, можност за дигитализација и поголема финансиска поддршка.

Покрај претставници од универзитетите во Македонија, на настанот како панелисти присуствуваа и претставници од регионот, поточно од Албанија , Србија, Косово и Бугарија.

Сесијата беше поделена во три панел дискусии каде се дискутираше за  студентски активизам во едукативниот систем, развојот на студентски активизам во нашата земја и за корупција во високото образование.

Покрај во нашата држава, Националното студентско тело ќе се стреми да стане препознаено и во Европа.

„На панел дискусијата беше  спомнато  и дека вакви национални студентски тела веќе постојат во европските земји и постои можност и ние да станеме член на тоа Европско национално студентско тело. Ние , на овој настан поставивме целогодишна резолуција за сѐ што планираме да направиме за да ги подобриме условите за секој студент во нашата држава.“, вели Шевал.

Една од целите на Националното студентско тело е дигитализација на сите универзитети и олеснување на тој процес на документација на студентите. Универзитетот „ Гоце Делчев“-Штип како најдобро препознаен за воведувањето на дигитализацијата, беше претставен од страна на студентот Шевал, кој го дал примерот за поедноставно функционирање преку електронските системи.

„Го претставив УГД како еден универзитетите со помодерен и поефикасен начин на функционирање и вршење на секојдневните студентски обврскки, посебно истакнат во сферата на дигитализација во високото образование, тема која што доста пати се спомна и се консултиравме со другите универзитети, и како тие  да ги имплементираат тие промени .“, вели Шевал.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?