ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.06.2022
Студентите на планинарење со своите професори

Планинарење – едно интересно и корисно хоби. Но, има нешта кои треба да се знаат пред да почнете да ги освојувате планините.

Веројатно некогаш сте се запрашале зошто некои луѓе уживаат да планинарат и зошто тоа  планинарење е добро хоби. 

Годинава ФТБЛ повторно го реализираше туристичко-планинарски настан „Дојди на Кожуф, запознај го регионот со ФТБЛ“ во организација со општината Гевгелија и планинарско – спортскиот клуб „Двете уши“. Планинарањето е одлично хоби кое ќе ви помогне да се почувствувате изрелаксирано, а исто така е одлична активност доколку сакате да согорите и некоја калорија.

Кои се придобивките од планинарење?

  • Секоја физичка активност е добра за човечкото тело. Планинарењето често е замена за кардио тренинг на отворено, каде што имате тренинг на отворено.
  • Дишењето на чист воздух ќе ви помогне да се релаксирате.
  • Ќе немате многу време за социјалните мрежи.
  • Ќе спиете подобро.

Планинарењето лесно влегува под кожа. Еве зошто!

Дел од студентите заедно со неколку професори, Проректорот Мишко Џидров, Деканката Татјана Бошков и Продеканката Наташа Митева се предизвикаа себеси да ги истражат скриените убавини на Кожуф планина и можностите за одржлив локален развој.

  • „Туризмот и планинарењето се меѓусебно поврзани и комплементарни, давајќи многу позитивен придонес кон туристичкиот имиџ на дестинацијата домаќин. Токму оттука ми се роди идејата заедно со општина Гевгелија и планинарско-спортскиот клуб „Двете уши“ по вторпат да организираме планинарска тура именувана како „Дојди на Кожуф, запознај го регионот со ФТБЛ!”, имајќи во предвид две околности – седиштето на Факултетот за туризам и бизнис логистика е во Гевгелија и овде е една од најубавите планини во нашата земја – планината Кожуф.“, вели проф. д-р. Татјана Бошков, Декан на ФТБЛ.

Декан Татјана Бошков

Какви се импресиите?

  • „Се’ она што некогаш мислев дека го доживуваат планинарите, го почувствував и јас. Ме облеа чувство на успех. Иако го чувствувате чистиот воздух во текот на целото искачување, сепак на врвот како да има посебна огромна количина на чист воздух, високо ниво на кислород, позитивна енергија и мисли. Нормално, го овековечивме нашето искачување до врвот со неколку слики, а потоа направивме и кратка пауза за вода, јадење и приказната за тоа како планинарите го направиле знакот за обележување на врвот.
    Сите потребни материјали за знакот со кој е обележан врвот „Двете уши“ се донесени до таму токму од членовите на истоимениот планинарско – спортскиот клуб, пешки, на раце, и истиот е изработен таму на самото место.“, изјави доцент д-р Наташа Митева, Продекан за настава.

Продекан за настава Наташа Митева и Декан Татјана Бошков 

  • „Минатата година го искачувавме врвот „Чичи Каја”, а годинава врвот„Двете уши” со 1766м. надморска висина. Незаборавно искуство, дружење, истражување на нациналното наследство на Кожуф планина, географски и биодиверзитет, природни и културни локалитети на планината Кожуф.“ , надополнува проф.д-р Татјана Бошков.

  • „Искуството беше неверојатно. Никогаш не сум планинарела и сфатив дека сум пропуштила многу. Иако бевме преморени, планинарењето е она што ќе го практикувам и во иднина. Поминавме околу 10 – тина км, уморот беше присутен, ама погледот кој што го имавме откако го искачивме врвот беше прекрасен. Убавата дружба и неповторливата фауна ни помогнаа да заборавиме на уморот. Покрај тоа, со планинарењето ќе го откриете вкусот на преубавите диви јагоди, кои нема да може да ги најдете во продавниците.“, вели Симона Петкова, студент на ФТБЛ.

Симона Петкова, студент на ФТБЛ

Сепак ова е прво планинарско искуство и за доцент д-р Митева, која што се согласува со Симона дека нема да биде последно.

  • „Ова е мое прво искачување, мој прв „освоен“ врв и можам со сигурност да кажам дека нема да биде последен. Студиите укажуваат на бројни позитивни ефекти од планинарењето, а една од нив е и зголемувањето на хормонот за среќа. Јас ја имав можноста да ја почувствувам таа среќа. Нестрпливо го чекам освојувањето на следниот врв.“, додава доцент д-р Митева.

Продекан за настава, доцент д-р Наташа Митева

Која е целта на овој настан?

  • „Нашата интенција е овој настан да стане традиционален надополнувајќи го туристичкиот идентитет на Гевгелија преку поддршката од страна на нашиот Факултет за туризам и бизнис логистика и начинот на спојување на системите на прoизводство на храна, природата, местото и културата. Како организатори и учесници во ваков вид на активности, стојам на ставот дека независно дали планинарењето е главната цел на патувањето или не, тоа може да биде катализатор за развој на туризмот ако успешно се искористат ваквите настани во поглед на брендирањето на дестинацијата, развојот на инфраструктурата и другите економски и социјални придобивки.” – завршува Деканот на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, проф.д-р Татјана Бошков.

Секако, планинарењето не е толку едноставно и лесно хоби. Доколку се одлучите да планинарите, треба да ги имате на ум следните работи:

  • Секогаш носете лесна и удобна облека;
  • Не заминувајте без водоотпорна јакна;
  • Имајте со себе резервни патики;
  • Факторот  за заштита од сонце  секогаш да ви биде при рака;
  • Имајте секогаш  со вас мапа;
  • Носете овошје и никако не заборавајте вода;
  • Во ранецот спакувајте и прва помош;
  • Спремете го вашиот мозок дека сте се одлучиле за една поинаква авантура;
Геоглифот кај С.Николе – ровови или македонска историја?
СКОМ 2024 – конгрес на студентите по општа медицина