Според информациите од ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, Проф. Д-р. Дејан Мираковски, тројцата студенти кои биле на практична настава во Турција се безбедни.
„Според нашите информации сите тројца студенти се добри, еден од нив како што знам е вратен веќе во Македонија, а останатите двајца ги контактиравме и се наоѓаат во добра состојба. Универзитетот ги нуди сите расположливи капацитети да им помогне на своите студенти доколку тоа биде потребно.“, рече Мираковски.
Во меѓувреме, студентската организација СОМА во соработка со Факултетското студентско собрание на Факултетот за Медицински науки при УГД , по барање на турските студенти кои студираат на УГД покрена иницијатива за прилагодување на термините за полагање испити, сѐ со цел да им се даде емоционална поддршка и можност за тие да се вратат кај своите семејства доколку имаат потреба.
„Почитувани колеги, Факултетското студентско собрание на ФМН и СОМА Штип покренаа иницијатива до деканската и ректорската управа за пронаоѓање на алтернатива за пролонгирање на престојните испитни термини за студентите кои потекнуваат од Турција поради моменталната состојба.Сите студенти кои сакаат и имаат план да се вратат во Турција ги охрабруваме да го сторат тоа со цел да бидат со своите семејства и блиски. За сите информации кои ќе следат ќе бидете навремено известени.
Ви посакуваме на сите добро здравје и побрзо да се надмине целото ова случување, а на луѓето кои изгубија ченови од семејствата им изразуваме сочувство.“ стои во објавата на СОМА и ФСС.