ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.02.2026
Студентите од најдобрите светски универзитети полесно до вработување на државните факултети во Македонија
Автор: Goce Author

Според новата законска регулатива што ја подготвува Министерството за образование и наука, студентите кои студираат на најдобрите 100 светски универзитети со државна стипендија, како и најуспешните студенти во Македонија, ќе имаат приоритет при вработување на државните универзитети.

Оваа новина беше соопштена на прес-конференција од министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која ги презентираше клучните измени од трите нови закони:
– Закон за високо образование
– Закон за квалитет во високото образование и науката
– Закон за научно-истражувачка дејност

Првите два закони веќе се објавени на ЕНЕР системот и се отворени за јавна дебата.

Кои студенти ќе имаат предност?

Предност при вработување како наставно-научен кадар на државните универзитети ќе имаат:

  • студентите кои со државна стипендија студираат на топ 100 универзитети во светот,

  • студентите во Македонија кои се добитници на Инженерски прстен,

  • студентите прогласени за најдобри на својот универзитет.

„Ова е една од новините во Законот за високо образование и силна порака дека трудот и квалитетот ќе се вреднуваат“, истакна министерката Јаневска.

Повеќе пари за подобри универзитети

Новина е и новиот модел на финансирање на универзитетите. Освен основното финансирање, ќе постојат:

  • развојна компонента

  • компонента за исклучителна успешност

Со други зборови – универзитетите што ќе исполнуваат повисоки критериуми ќе добиваат повеќе средства. Целта, според МОН, е да се поттикне конкуренцијата, а со тоа и квалитетот во високото образование.

Построги критериуми за професорите

Новите закони носат и построги правила за академско напредување. За избор во звања (доцент, вонреден и редовен професор), кандидатите ќе мора да имаат:

  • од 6 до 7 научни трудови,

  • од кои 3 до 4 во списанија со импакт фактор (Web of Science или Scopus).

Причината? Македонија сериозно заостанува во научната продукција. Нашите универзитети годишно објавуваат 300–500 трудови, додека за влез меѓу топ 1000 универзитети на Шангајската листа се потребни најмалку 1200.

Повеќе транспарентност и нови студиски програми

Законот предвидува:

  • воведување стручни студии од прв, втор и трет циклус со можност за премин кон академски студии,

  • кратки стручни програми за специјалистички знаења,

  • активирање на одборите за доверба со јавноста и советите на универзитетите, кои досега речиси не функционираа.

Двојно зголемен буџет за наука

Буџетот за научно-истражувачка дејност е зголемен од 380 милиони денари во 2024, на 773 милиони денари во 2025 година – повеќе од двојно. Платите на универзитетските професори, според министерката, веќе не се тема на дискусија, откако лани беа зголемени за 14%.

Трите закони се меѓусебно поврзани и се очекува да бидат усвоени заедно, по завршување на јавната дебата. Дискусии ќе се одржат на сите јавни универзитети, а финалната верзија ќе оди пред пратениците во Собранието.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?