ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
01.12.2022
Студентите по медицина во Штип ги едуцираа граѓаните за ХИВ СИДА

ХИВ вирусот претставува имунодефициенција и го напаѓа имунолошкиот систем на телото. Ако ХИВ не се лекува, може да доведе до СИДА (синдром на стекната имунодефициенција).

Во склоп на 1 декември светскиот ден за кревање свесност и едукација за ХИВ вирусот, студентите на Медицина на Универзитетот „Гоце Делчев“ во организација од СОМА– Штип  одржаа настан на плоштад „Слобода“ во Штип со едукативен карактер.

Освен бесплатното делење на презервативи и флаери со потребни информации, студентите едуцираа за значењето на вирусот, како да се заштитиш од него, но и како да се разрешат некои од стереотипите кои многумина ги имаат.

За оние кои не можат да присуствуваат на настанот, едни од организаторите Кочо Николовски и Бојана Кацарова, ни ги споделија важните информации кои треба да се знаат.

Бојана Кацарова и Кочо Николовски

Според Кочо, координатор на клубот за Хронични болести, главната цел е да се наруши стигмата која веќе со години следи заедно со дијагнозата. Од круцијално значење е младите да ги искоренат стереотипите и да знаат правилно како да се заштитат. Со организирање на повеќе вакви настани, Николовски смета дека сме чекор поблиску до прифакање на ситуацијата онаква каква што е без дискриминација и стигматизација.

„Од медицински аспект важно е да се знае дека ХИВ го напаѓа и го ослабнува имуниот систем на пациентот, што доведува до развој на секундарни заболувања, како ороезофагеална кандидијаза, цитомегаловирусни инфекции, херпес вирусни инфекции, инфекции со микобактериум, токсоплазмозен енцефалитис, па дури и малигни состојби како Капошиев сарком. Сите тие се со лош тек и неповолен исход. “, вели Бојана Кацарова, демонстратор на предметот Инфективни заболувања на ФМН при УГД и координатор на клубот за Инфективни болести при СОМА.

Многу од стереотипите постојат поради незнаењето за начините на кои се пренесува вирусот

„За жал, поради несоодветни и неточни информации стигмата за лицата кои се ХИВ позитивни се уште постои… Ако разговарате или се поздравите со некој кој има СИДА, нема да се заразите, затоа што преносот на вирусот е преку телесни течности како крв, сперма, вагинален секрет. Што значи, се пренесува најчесто преку незаштитен сексуален однос и кај интравенски зависници од дроги, при користење на исти игли, користење на нестерилни игли, шприцеви и други инструменти кои се загадени со крв. Тука би напоменала дека е важна контролата
на крвта и крвните продукти кои се даваат при трансфузија   Па така, преку овој настан денес учествуваме во масовна едукација, со разбивање на стереотипите, подигнување на јавната свест и совест, со акцент на превенцијата од ХИВ.“, вели Кацарова.

Каде може да се тестираш за ХИВ

„Во склоп на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби постои посебен дел наречен Центар за ХИВ кој нуди поддршка и лекување на луѓето кои живеат со овој вирус. Таму стојат на располаѓање и услуги за тестирање и советување. Преку ,,Мој термин” се закажува преглед од страна на матичниот лекар, за да се овозможи понатамошен медицински третман и следење од страна на лекар специјалист. Доколку вашиот матичен не е упатен во врска со пациенти со ХИВ-инфекција, можете слободно директно да се обратите за помош во самиот центар. Во поглед на третманот, постои антивирусна терапија и психосоцијално советување кое им помага на пациентите и нивните блиски полесно да се справат со проблемите со кои се соочуваат. Инаку, целото тестирање за ХИВ се одвива анонимно и под шифра.“, вели Кацарова.

Награда за најдобар научник на Универзитет “Гоце Делчев” за 2023
MОВЕМБЕР: На 14-ти ноември се одбележува месецот на машкото здравје