
Студентите кои се сместени во трите студентски домови во Скопје ќе можат да рециклираат пластика и лименки за што ќе добиваат надомест на својата студентска картичка.
Оваа еколошка новина е резултат на иницијатива од студенти сместени во студентските домови, вели директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, Виктор Велевски:
„Почнувајќи како иницијатива од страна на неколку студенти сместени во Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје за селектирање на пластични амбалажи и лименки, дојдовме до идеја да го подигнеме овој проект на повисоко ниво, следејќи ги позитивните примери на скандинавските држави, каде рециклирањето на отпад е суштински дел од целокупниот процес на образованието.
Оттаму потекнува и идејата за поставување на машини за рециклирање на пластика кои ќе ги мотивираат студентите да рециклираат што е можно поголем број на амбалажи преку принципот на поврат на средства. Па така, користејќи ја иновативната Студентска картичка, која е всушност мемориска картичка, за секоја рециклирана амбалажа, студентите ќе имаат поврат на средства од 0,5, 1 и 1,5 денари, во зависност од видот на амбалажата.
Повратот на средства ќе се регулира преку баланс на состојбата на Студентската картичка, која освен идентификациско средство, ќе служи и како платежна картичка преку која студентите ќе можат да да користат разни привилегии во форма на попусти, но и користење на средствата добиени како поврат на рециклираните амбалажи – вели Велевски.
Според него, на овој начин, освен што ќе се придонесе за заштита на животната средина, ќе се подигнеме и степенот на хигиена во студентските домови и ќе се промовира социјално претприемништво. Крајната цел е да се подигнеме еко-свеста кај младите, да се мотивираат да размислуваат во насока на одржлив развој на општеството.
Студентско сместување – желбите исти, домовите се реновираат, нови не се градат
Вредноста на проектот „Студентите рециклираат“, односно набавката на шесте машини, од кои четири се распоредени во објектите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ и по една во „Кузман Јосифовски – Питу“ и во „Стив Наумов“ и изработката на картичките изнесува околу 8 милиони денари, кои би требало да се вратат преку преработката од рециклираниот отпад за околу 3 години.
Директорот Велевски дека оваа иницијатива во блиска иднина ќе се прошири во сите студентски домови низ републиката, а и во средните и основните училишта.