
Од оваа академска година студентите-станари во двата студентски домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“, нема да добиваат појадок, потврди за Мета.мк, Виктор Велевски, директорот на Државен студентски дом – Скопје, под чија надлежност се овие два домови и „Кузман Јосифовски Питу“ кој е во фаза на реновирање. Ова се прави затоа што, како што појаснува Велевски, студентите појадок сега ќе си купуваат со парите од студентскиот оброк.
Фото: Pixabay.com
„Не гледаме причина да даваме по три оброци, оти појадокот најмалку се користи. Ако на ручек имаме 700 оброци во „Гоце Делчев“, за појадок имаме околу 100. Во некои студентски домови во државата појадокот е укинат уште пред повеќе години. Ние оваа година во рамки на ДСД – Скопје, не го укинавме појадокот, туку само го поместивме работното време на мензата оти секој студент од Министерството за образование и наука добива субвенциониран студентски оброк, односно средства од 140 денари. Тоа се пари кои годинава студентите треба на дневно ниво да ги потрошат, а не како минатата година, кога тие ги добиваа парите на месечно ниво“, објаснува Велевски.
Тој информира дека досега немало реакции од студенти поради укинувањето на појадокот.
Во студентскиот дом „Пелагонија“ во Кисела Вода, веќе 10 години нема појадок за студентите-станари. Таму во тек е процесот на вселување, а одговорните чекаат конечна бројка за да знаат колку оброци ќе треба да подготвуваат за ручек и за вечера.
„Појадокот кај нас е укинат пред 10 години, но затоа времетраењето на користење на оброците е зголемено. Мензата почнува со работа во 11 часот и служиме јадење до 21 часот. Се согласувам со тоа што појадокот го укинале и во другите домови бидејќи многу храна се фрла“, вели директорот на домот Агим Фејзулаху.
Тој додава дека откако почнало поскаувањето на цените, има тренд на зголемување на бројот на студенти кои јадат во мензата.
Целосниот текст на: Мета.мк