
Студентите ќе можат да го платат данокот за 2025 година на рати, најави Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), по одржаната средба со директорката на Управата за јавни приходи (УЈП).
Сепак, ваквата информација засега не е потврдена од УЈП, што отвора дилема околу тоа дали навистина ќе има можност за плаќање на рати. Средбата доаѓа по силните реакции од студентите, особено поради ретроактивната наплата на данок за оние кои работеле преку програмата Work and Travel во Германија.
Од УСС УКИМ велат дека токму ова прашање било во фокусот на разговорите со УЈП, но без конкретни детали како би се реализирало евентуалното плаќање на рати.
Од друга страна, УЈП во своето официјално соопштение воопшто не споменува ваква можност.

Фото: УЈП
Наместо тоа, од УЈП најавуваат организирање едукативни обуки за студентите, со цел подобро да ги разберат своите даночни обврски.
„Нашата цел е заеднички да градиме здраво општество преку исполнување на даночните обврски и истовремено да имаме исполнителни млади луѓе кои даваат сопствен придонес“, се наведува во соопштението.
Обуките ќе започнат на 6 април, а ќе вклучуваат видео материјали и информативни флаери. Дел од материјалите, според најавите, ќе ги изработат и претставници на УСС УКИМ, доколку има доволна заинтересираност.
Од УЈП информираат дека студентите кои не го искористиле правото на поврат на данок од работата во Германија, сè уште можат да го сторат тоа.
За таа цел, потребно е да обезбедат потврда за резидентност, со што ќе можат да го остварат правото на поврат на задржаниот данок, согласно договорот за избегнување на двојно оданочување. На средбата била предложена и идеја за формирање работна група која би работела на поедноставување на процедурите за оданочување на приходите од програмата Work and Travel. Целта, според најавите, е студентите полесно и навремено да ги исполнуваат своите обврски, без дополнителни административни компликации.