“Сѐ започна со блокади на ФДУ (Факултет за драмска уметност-Белград), и додека тие траеа 4-5 дена, дојдовме до информации дека некои од нашите колеги се претепани. Од човечност и солидарност, застанавме до нив и го блокиравме Ректоратот 12 часа..”-вели Катерина Драгоњиќ, студент на Филозофскиот Факултет во Белград.

Изминатиот период сведоци сме на масовните протести кои се случуваат во регионот, особено во Србија, по падот на настрешницата во Нови Сад каде починаа 14 жртви.
Револтирани од нефункционалниот систем, студентите ширум Србија организираат протести, откако вината за падот на настрешницата, властите ја префрлаат едни на други.

Катерина Драгоњиќ

Во продолжение прочитајте го интервјуто со Катерина Драгоњиќ, која е активен учесник на протестите:

1. Како започна иницијативата за блокадите?

-“Сè започна со блокадите на ФДУ, кои првично немаа големо медиумско покривање. По четири-пет дена, дознавме дека некои од нашите колеги биле претепани. Од човечност и солидарност, застанавме на нивна страна и го блокиравме ректоратот за 12 часа. Падот на настрешницата во Нови Сад беше последната капка што ја прели чашата и кој беше поттик за почеток на нови промени.”


2. Како се организираа студентите?

-“По дванаесет часовното блокирање на Ректоратот, беше одржан првиот пленум и беше организиран со присуство на делегати (студенти) од сите факултети во Белград. Атмосферата беше жива, а одлуката беше да се започне со блокади.
Прво беа опфатени Филолошкиот, Филозофскиот и Природно-математичкиот факултет.”

Студентите во амфитеатрите на факултетите

3. Како реагираа факултетите и професорите на блокадите?

-“Првично, имаше поединци кои се обидуваа да одржуваат предавања и вежби, но тие обиди беа успешно блокирани. Со текот на времето, повеќе факултети се приклучија на иницијативата, а управите на факултетите, деканите и ректорите ја препознаа важноста на моментот.”

4. Колку трае иницијативата и каква е моменталната состојба?

-“Блокадите траат повеќе од 20 дена. Блокирани се факултетите и ректоратите во Белград, Нови Сад, а од вчера и Ниш. Исто така започнати се блокади и во некои средни училишта.
Блокадите ќе продолжат, голем број од студентите седат и спијат во просториите на Факултетите.
Тука морам да ја поздравам поддршката која ни ја пружа голем дел од народот. Имаме голема поддршка, како и храна, ќебиња, апарати за греење и слично. Работите кои ги добиваме ние ги делиме и со останатите Факултети, а голем број од донациите ги препакуваме и ги донираме на луѓето кои навистина имаат потреба од истите.”

Се хранат во импровизирани услови…

5. Каква е атмосферата за време на блокадите?

-“Атмосферата е жива и исполнета со активности. Се организираат работилници, многу студенти го користат времето за учење, а слободното време го поминуваме играјќи друштвени игри и споделувајќи анегдоти. Доста од нас учат во амфитеатрите бидејќи јануарскиот рок се наближува, свесни сме дека ќе биде одложен, но, не и заборавен, па испитите мора да се спремаат.”

Студентите во факултетските ходници

6. Како реагираат медиумите и јавноста на оваа иницијатива?

-“Некои медиуми нè оцрнуваат, нарекувајќи нè странски платеници, соросоиди, анархисти, но има и такви кои активно нè поддржуваат.”

7. Кој е главниот мотив за студентите да продолжат со блокадите?

-“Главниот мотив е желбата за вистинска промена, а не само за привидна. Сакаме подобра иднина за нас и за генерациите што доаѓаат. Нашата борба е за системски промени кои ќе овозможат безбедност и правичност за сите.”

8. Дали студентите сметаат дека нивната иницијатива ќе успее?

-“Да, свесни сме дека ова е долготрајна борба, но подготвени сме да истраеме додека не се исполнат барањата. Убедени сме дека ова ќе има значајно влијание врз општеството.”