Аделина Шакирова е втора година студент на Правниот Факултет при Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип. Неодамна, по повод Денот на Ромите, на Аделина и беше доделена благодарница за најдобар студент при УГД. Имено, таа по етничка припадност е Ромка и за Гоце.мк се отвори за своите желби и амбиции, но и за потешкотиите со кои се соочуваат Ромите.
“Не можам да лажам, никогаш не сум се почувствувала дискриминирана и непосакувана, но сепак сметам дека тоа е и до самата личност и како таа ќе се претстави пред другите. Не негирам дека постои дискриминација. Ја има и тоа во големи размери, но сепак тоа не треба да претставува пречка за да се откажеме од борбата што ја водиме со децении, напротив тоа е мотив за да ги побиеме стереотипите и предрасудите.”, вели Шакирова.
“Најголемиот проблем со кој се соочуваат Ромите се предрасудите. Етикетирањето и именувањето со несоодветни термини и изрази предизвикува само страв и несигурност кај младите Роми. Според мене, само доброто образование и поголемата дружба и заинтересираност ќе придонесат за и другите заедници да покажат разбирање и поголемо прифаќање.”, вели Шакирова.
Според Аделина, оваа награда за неа претставува мотивација да продолжи да се надоградува и усовршува бидејќи има замислено уште многу предизвици кои сака да ги оствари. За неа, ова е само почеток, а општеството треба да е спремно да гледа и други успеси.
“Лично се надевам дека ќе бидам поттик и мотивација за нас Ромите да не застануваме само со основно или парцијално средно образование бидејќи на нашата заедница и требаат уште многу напори. Ни требаат стручни кадри бидејќи сепак се сметаме за мултиетничко општество. Културата ја носиме од дома, а образованието е она што нѐ гради како личности.”, вели Шакирова.
Покрај студиите, Аделина е член и волонтер во локалната невладина организација NECI NMK. Таа ја посочува оваа организација бидејќи смета дека и помогнала во процесот на усовршување и ги повикува и останатите Роми да бидат дел од придонесот во општеството преку волонтирање и членување во локални организации.
Аделина повикува за ширење свест меѓу луѓето во заедницата бидејќи треба да им се остави простор за да ги докажат своите квалитети во најдобро светло. Таа е пример и инспирација за своите врсници и е доказ дека луѓето не треба да се судат по етничката припадност за своите достигнувања и можности.