
Студентското здружение за молекуларна медицина (СЗММ) е ново формирано здружение од група студенти од Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ Штип. Основано од пет ентузијасти Филип, Стојче, Сара, Ивона и Сара, здружението има за цел да ги обедини студентите со новите научни сознанија, но и да им ја доближи динамиката на научно-истражувачката дејност во медицината.
„Идејата за создавање на СЗММ, се јави спонатно. Имено, мојот интерес за поврзување на медицината со базичните науки отсекогаш ме мотивираше за континуирано академско усовршување не само во клиничкиот дел од медицината, туку и во научно-истражувачката дејност. Поттикнат од поволностите за размена кои ги нуди и нашиот Универзитет, но и преку други програми, неколкупати имав можност за студентски престој во различни држави од Европа. За оваа идеја најмногу белег ми остави студентскиот претстој во Центарот за молекуларна кардиологија при Универзитетот во Цирих, каде што фокусот е ставен на транслативната медицина. Фактот дека студентите овде не се целосно запознаени со тој термин, нѐ поттикна да го доближиме тоа преку создавањето на СЗММ.“, вели Филип Постолов, претседател на СЗММ.
Во текот на неколку месечното постоење, СЗММ успеа да организира три семинари и симпозиуми од академски карактер за студентите и веќе брои повеќе од 100 активни членови. Тековните планови за следната академска година вклучуваат доближување на студентите до академските соработници на здружението кои броат над десетина професори од ФМН УГД.
„Во текот на наредната година сакаме да ставиме акцент на мотивирање на студентите да се вмрежат во научно-истражувачката дејност под менторство на нашите академски советници. Според мене, секој студент, уште во текот на студиите, треба да се вклучи во научно-истражувачка дејност, којашто практично е услов за успешно обликување на критичкото размислување, развивање на аналитички вештини и продлабочување на стекнатото знаење.“, вели Филип.
Иако, на многу студенти им се чини недостижна научно-истражувачката дејност, во пракса е поинаку. Доказ се тоа се токму Филип и Сара Николова од СЗММ, веќе дипломирани доктори по општа медицина, но кои уште во текот на студиите успеаа да изработат научни трудови публицирани во реномирани научни списанија. Под менторство на професорките Татјана Рушковска и Даниела Ристиќ-Стомнаровска од ФМН УГД, тие ги побија стереотипите дека публикувањето на научни трудови е резервирано само за афирмирани научници со долгогодишно искуство. Токму и ова беше една од причините за основање на СЗММ, преку кое и повеќе студенти на медицина ќе бидат мотивирани да го надминат стравот за истражување на молекуларните аспекти на здравјето и болестите.