
Животот под кирија за студентите носи многу предивици, пред се со соочување со самостојноста но и проблемите кои ги носи таа.
За многу студенти, академското образование не претставува само предавања, испити и нови пријателства, туку и промена на местото на живеење и започнување на самостоен живот. Живеењето самостојно, од една страна носи независност и слобода, но од друга страна соочување со предизвиците кои ги носи „возрасниот“ живот.

Емилија Трпкова од Велес е студент на Општа медицина при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип која живее во изнајмен стан посочувајќи дека за да се пронајде стан потрагата започнува и неколку месеци пред почетокот на академската година.
„Потрагата по пристоен стан во Штип е вистински предизвик доколку не се започне навреме. Најискусните студенти ги „резервираат“ најдобрите понуди уште во јуни и јули, бидејќи веќе во септември, со напливот на нови студенти по уписните рокови, изборот е драстично ограничен. Што се однесува до цените, тие варираат во зависност од локацијата, близина до факултетите или центарот и уредувањето на самиот простор.
Во просек, кириите за пристојно опремените станови се движат меѓу 200 и 300 евра, сума која за многумина е одлучувачки фактор при изборот на цимери.“, вели Емилија Трпкова.
Покрај киријата, најголем предизвик со кои се соочуваат студентите што живеат во изнајмен стан се режиските трошоци. Сметките за електрична енергија, вода и други комунални услуги значително влијаат на месечниот буџет при што младите се приморани да внимаваат при користењето на овие услуги.

Емилија Трпкова
„Режиските трошоци се „невидливиот“ дел од буџетот кој често варира. Тешко е да се каже точна сума за режиските трошоци, бидејќи тоа зависи од многу фактори. Тие во најголема мера зависат од бројот на станари и нивните навики за трошење. Животот со цимери е дефинитивно поисплатлив, бидејќи сметките за струја, вода и интернет се делат на повеќе делови. Доколку студентот живее сам, овие трошоци можат да бидат значителен товар, додека во заедница тие стануваат поприфатливи и полесни за менаџирање.“, вели Емилија.
Честопати студентите кои живееат во близина на Штип одлучуваат секојдневно да патуваат, наместо да бидат сместени во студентски дом или изнјамен стан. Овој начин овозможува студентите да не плаќаат кирија, но сепак патувањето со себе повлекува дополнителни трошоци за превоз, рано станување и гужви во сообраќајот.
Првиот ден на факултет никогаш не изгледа како на филмовите… еве ја вистината
„Иако патувањето на прв поглед изгледа како начин да се заштеди, реалноста на факултетот често го демантира тоа. Мојот став е дека одлуката најмногу зависи од распоредот – ако имате предавања и вежби во текот на целиот ден повеќе денови во неделата, секојдневното патување станува исцрпувачко и неисплатливо, не само финансиски, туку и енергетски.
Живеењето во Штип не е само плаќање за кирија, туку „купување“ време кое е клучно за поквалитетно учење и неопходен одмор. На крајот на краиштата, студентскиот живот и факултетот не се само книги и полагање испити. Највредните пријателства и спомени се градат токму во слободното време поминато со колегите, а тоа е нешто што неповратно се пропушта доколку постојано сте „на пат“ помеѓу два града. Земајќи го во предвид сето тоа, според мене, изнајмувањето стан е дефинитивно поисплатлива инвестиција.“, вели Емилија.