
Работењето за време на студирањето повеќе не се доживува како дополнителна активност, туку како составен дел од академскиот живот и подготовката за идната кариера. Во последните неколку години сѐ повеќе се забележува пораст на студенти кои го балансираат студирањето и работењето и на таков начин стекнуваат работен стаж уште во 20-тите години, но воедно претставува и предизвик со организацијата на времето.

Сандра Ташкова
Сандра Ташкова е студент по Општа медицина при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, која воедно работи како неурофидбек терапевт која помага со справување на анксиозноста, депресијата, тиковите, несоницата.
„Во мојот случај имам флексибилно работно време, бидејќи работам со пациенти и термините ги закажувам според моите академски обврски. Тоа значително ми помага во организацијата на времето. Сепак, балансирањето не е лесно — особено во испитни сесии и колоквиумски недели. Потребно е да останеме професионални на работното место, а истовремено максимално фокусирани на студиите. Најголем предизвик е менталниот замор, кој по цел работен ден може да ја намали концентрацијата за учење. Но, со добра организација и со тек на време, ова станува рутина и многу полесно се совладува.“, вели Сандра Ташкова.
Основната причина кај многумина од студентите кои се одлучиле да работат за време на академскиот живот се финансиските потешкотии со кои се соочуваат, сепак дел од нив се вработуваат за стекнување на работни навики, искуство кое се бара на пазарот на трудот, вклучително и стекнување на практично знаење.
„Сметам дека причините се различни и зависат од индивидуалните околности. Од финансиски аспект, студентите кај нас имаат ограничени бенефити од државата, а оние што се во работен однос често ги губат и тие права. Тоа може да се доживее како демотивирачки фактор“
„Од друга страна, не треба да гледаме само финансиски. Пазарот на труд бара искуство, практични вештини и работна навика. Затоа многу млади луѓе одлучуваат да работат уште за време на студиите – не затоа што се присилени, туку затоа што сакаат да бидат поконкурентни и подготвени за иднината.“, вели Сандра.

Теоријата која се стекнува во текот на академските денови треба да претставува основа за стекнување на практични вештини кои сите работодавачи ги бараат при огласите за вработување. Значењето на теоретските работи и практичните вештини не можат да се исклучат меѓусебно, напротив претставуваат два кумулативни услови за постоење на квалификувана работна сила.
„Не би можела да издвојам едно од двете. Теоријата е темелот на секоја професија – таа ја гради логиката и разбирањето. Но, праксата е она што нѐ прави комплетни професионалци, особено во медицината. Практичното искуство развива клиничко размислување, сигурност и вештини кои не можат да се стекнат само од книга. Најдобриот пристап е интеграција на двете – знаење поткрепено со искуство.“, вели Ташкова.
Од една страна, инволвираноста на студентите на пазарот на трудот овозможува финансиска независност и поголема самостојност, но од друга страна создава притисок, намалена концентрација и посветеност за академските обврски.
„Најголемите предности се стекнувањето работна дисциплина, комуникациски вештини, одговорност и финансиска самостојност. Работата нѐ учи на организација и професионалност исто колку што студирањето нѐ учи на теоретско знаење.Како недостаток би го издвоила времето. Доколку нема добра организација, лесно може да се создаде чувство на постојан недостиг на време – и за учење, и за одмор. Балансот е клучен, бидејќи времето за себе и менталното здравје се исто толку важни колку и академскиот успех.“, вели Ташкова.