Додека ние се уште се обидуваме барем еднаш во годината да имаме таканаречен Ден без автомобили, што, рака на срце некако тешко ни поаѓа од рака, бидејќи премногу сме сврзани со нашите љубимци на четири тркала, а градовите ни се гушат во автомобили и се што тие носат како негативни последици наспроти позитивните, во светот има веќе идеја да се оформи град без автомобили!
Замислете да живеете во град кој има се што ви треба. Кафулиња, спортски сали, кина, библиотеки и многу повеќе – сè е на дофат на раката и никогаш не трошите повеќе од 10 минути за да стигнете до секоја точка. И тоа не да возите 1о минути, туку за десет минути да стигнете пеш!
Наречена „Проект Х1“, оваа населба има блиска иднина, која се развива во близина на главниот град на Јужна Кореја, Сеул. Она што е уште поважно, имајќи ја предвид грижата за животната средина, е дека овој град ќе остане целосно без автомобили, бидејќи реално, во него не треба ни да се движите.
Минијатурната метропола, со широки улици и природа на прагот, покрај станбените плоштади, ќе нуди паркови, хотел, кино, библиотека и многу повеќе, вклучувајќи различни спортски можности, како и велнес центар.
Предвидено е да има и градинка, па родителите не мора да се грижат за чувањето на децата, а ќе оже да се посети и трговски центар, а се планира да има и доволно простор за одржување на разни настани, како и едукативни и културни активности.
Секој стан во овој град, без исклучок, ќе има свој балкон, а жителите ќе бидат охрабрени да садат разни растенија на него. Зградите генерално ќе имаат повеќе заеднички простории, од кои најинтересна е заедничката тераса на покривот.
Целиот градежен проект го води холандското архитектонско биро Unstudio, а се се гради на некогашна индустриска локација.
Оваа населба со главниот град ќе биде поврзана со линија на метро, а жителите постојано ќе се поттикнуваат да пешачат и да возат велосипеди. Иако автомобилите нема да возат, можете да ги поседувате и паркирате во голема подземна гаража.
Колку и да е незамисливо, сепак е предизвик да се види дали проектот Град без автомобили ќе го види светлото на денот.