ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
15.06.2023
Светот сѐ повеќе се поларизира – 80% од луѓето не сакаат да имаат сосед кој има различно мислење од нив

Најновото истражување на Edelman, на светско ниво, предупредува дека светот станува се повеќе поларизиран. Шест држави се во црвената зона на поларизираност, а нивните граѓани сметаат дека граѓаните не можат да ги надминат разликите едни меѓу други.

Извештајот на Еделман се однесува на глобалната доверба и нуди интересни перспективи за трендовите на доверба во светски рамки.

  Поделеноста на луѓето е резултат на четири клучни фактори.

  1. Падот на економскиот оптимизам (поголем број од луѓето сметаат дека во следните 5 години ќе биде економски полошо)
  2. Институционален дебаланс (владите ја губат довербата на сметка на бизнисот)
  3. Класна поделба (огромната класна разлика создава сосема различни реалности кај луѓето од исти држави)
  4. Војна за вистината (интернетот стана простор за борба на сите медиуми. Така се создадоа ехо комори во еден единствен дигитален простор.

Сите овие разлики создаваат потешкотии во соработката меѓу луѓето. За да се решат сложените глобални проблеми е потребна меѓусебна соработка. Поделеноста креира отежнати услови за соработка.

Граѓаните не веруваат на владите, но веруваат на бизнисот и науката

Светската популација има се помалку доверба во власта и медиумите, а се поголема доверба во бизнисот и невладините организации, покажува истражувањето на Еделман. Бизнисите ја зголемуваат својата доверба кај светската популација, а властите и медиумите ја намалуваат. Особено мала доверба имаат во социјалните мрежи. Интересно е, што според извештајот, владите и медиумите се гледаат како најголем извор на дезинформации.

Недовербата креира поделба, поделбата ја отежнува соработката

Според извештајот, шест земји од ова истражување се многу поделени. Тоа се Аргенитина, Колумбија, САД, Јужна Африка, Шпанија и Шведска. Во опасност да стигнат до сериозна поделеност се и Бразил, Франција, Мексико, Јужна Кореа, Велика Британија, Јапонија, Италија и Германија. Голема поделеност значи дека луѓето не гледаат можност да се надминат меѓусебните разлики кои се создадени.

Според анкетата како најголем причинител за светската поделеност е недовербата во владите, недостатокот на заеднички идентитет, системска неправедност. Кога граѓаните се сериозно поделени довербата во различните институции драматично паѓа. Во сериозно поделени општества граѓаните немаат доверба ниту во владата, ниту во невладините, ниту во медиумите.

Идеологијата станува идентитет

Според истражувањето, луѓето се поистоветуваат со својата идеологија. На прашањето дали ќе помогнете, живеете или работите со некому кој е од „спротивната идеологија“ огромен дел од испитаниците одговориле негативно. 70% од луѓето нема да помогнат некому кој има спротивна идеологија од нивната, 80% од луѓето не сакаат да живеат во исто маало со некој од спротивна идеологија и 80% не би сакале да работат со некој од „спротивниот табор“.

Поделбите ги зголемуваат стравовите и насилството

Дел од девијантните појави во општеството може да се бараат токму во големата поделеност. Според истражувањето, поделеноста на луѓето ги зголемува предрасудите и дискриминацијата, го забавува економскиот раст, го зголемува насилството на улиците, ги намалува можностите да се решаваат проблемите.

Извештајот решението го гледа кај поголема системска соработка. Особено соработка со владите. Бизнисот со владите, бизнисот со невладините или со медиумите. Тоа е едно од можните решенија.

Целосниот извештај можете да го погледнете тука.

 

Секој граѓанин должи 4000 евра, а има заштедено 5400 евра – во просек
70% од средношколците се запишани во стручни училишта